Обвинителството за организиран криминал го стеснува кругот на организаторите на нападот на Собранието на 27 април, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во Обвинителството. При последното апсење на осумтемина осомничени за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, Обвинителството за организиран криминал со тим истражители им ги одзело одзеле мобилни телефони и лаптопите на осомничените лица, кои веќе се во притвор.
Се оди по трагите на комуникациите на овие осомничени тоа попладне и по крвничкото тепање на Села, за кого сите мислеа дека е мртов. Се прегледуваат комуникациите на овие лица по телефон и на компјутер и во деновите пред 27 април.
„Сè уште работиме на анализа на телефонските броеви. Ќе го чекаме и вештачењето на телефоните и на преносните компјутери одземени од осумте лица. Истовремено ќе правиме листа на сведоци кои треба да бидат повикани во Обвинителството за организиран криминал“, ни изјавија од тимот кој работи на откривање на организаторите, не само на намерата за убиство на Зијадин Села, туку и воопшто на целиот напад на 27 април, кога тешко беа повредени и лидерот на СДСМ, сегашниот премиер Зоран Заев, и пратениците од неговата партија Радмила Шеќеринска, Љупчо Николовски, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Александар Кирацовски, Оливер Спасовски, но и новинари, полицајци, членови на собраниското обезбедување, граѓани.
Пред две недели, надлежниот обвинител за овој случај Вилма Русковска и истражители извршиле реконструкција на самото место на бруталните насилства во Собранието, потврдија собраниските служби. Ги поминале патеките по кои се движеле насилниците, кои беа мирно и без отпор пропуштени од првата, немногубројна група на специјалци од МВР.
Минатиот вторник, МВР на барање на Обвинителството ги уапси Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски и Александар Јаневски – Тошта, кои добија по 30 дена притвор. Ошавковски, Сенков и Димитриевски беа уапсени откако МВР преку фотографии побара помош од граѓаните со информација која би довела до нивна идентификација и апсење.
Неколку дена пред нив, 30-дневен притвор јавен обвинител од ОЈО определи за Андреј Мицов (22), Никола Војминовски (39), Коста Делов (26) и Стојан Павлески – Кобра (51), сите под истрага обид за убиство и за соизвршителство.
Тошта на денот на локалните избори завчера, кога се чекаа резултатите беше во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е претседател на општинскиот огранок од Кисела Вода на здружението „Гардист 2001“ и претседател на Кинолошкото друштво Скопје.
За обидот за убиство на Села, пред неколку месеци беа уапсени и обвинети Кире Ѓоргиевски и неговиот татко и тие се наоѓаат во истражниот затвор Шутка.
Коста Делов самиот призна дека учествувал во тепањето на Села и заедно со Никола Војминовски уште во мај беа повикани на разговор за настаните што се случија на 27 април во Собранието, но беа ослободени.
„Чувството кога брутално си го тепал Зијадин Села со клоци по глава, бесценето“, напиша Коста Делов на својот фејсбук профил по настаните во Собранието.
Андреј Мицов, пак, на Фејсбук си објавуваше слики со качулка во Собранието на 27 април.
С. К. ДЕЛЕВСКА