„МОЈ ВОЗДУХ“ НЕ Е САМО ЗА ИНФОРМАЦИЈА, СО АПЛИКАЦИЈАТА ЈА ПОДИГАМЕ СВЕСТА ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ, ВЕЛИ ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ, ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР МЛАД ИНОВАТОР ВО ЕВРОПА

    „МОЈ ВОЗДУХ“ НЕ Е САМО ЗА ИНФОРМАЦИЈА, СО АПЛИКАЦИЈАТА ЈА ПОДИГАМЕ СВЕСТА ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ, ВЕЛИ ГОРЈАН ЈОВАНОВСКИ, ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБАР МЛАД ИНОВАТОР ВО ЕВРОПАЈовановски ја лансирал апликацијата во 2014 и таа денес е достапна во 41 држава, со амбиција да се прошири на сите континенти

    Горјан Јовановски е прогласен за најдобар млад иноватор во Европа за 2020 година за својата мобилна апликација AirCare, која го мери квалитетот на воздухот и придонесе многу да се откријат вистинските размери на аерозагадувањето во Македонија. Дваесет и седумгодишниот софтверски инженер и екоактивист од Скопје победи во конкуренција на иноватори до 30 години на World Summit Awards, што беа доделени во рамките на Европскиот фестивал на млади иноватори во Грац.

    „Прекрасно е чувството! Мислам дека вчера цела вечер траеше еуфоријата, бидејќи, да бидам искрен, покрај толку прекрасни идеи од другите учесници, борбата за првото место беше доста блиска“, вели Јовановски.

    Признанието за Јовановски доаѓа шест години откако ја лансираше апликацијата „МојВоздух“, која имаше за цел да дава секојдневен увид во квалитетот на воздухот што се дише во Македонија, за потоа нејзината примена да излезе и од границите на Балканот.

    „‘МојВоздух‘, односно AirCare по ново, не беше планирана да биде апликација каква што е денес. Од апликација со стотина корисници и не повеќе од 17 мерни станици дојде до над пола милион преземања и 10.000+ станици во 41 земја во светот. AirCare прерасна во глобален бренд. Но, за разлика од другите, ние не гледаме само да информираме за загадувањето, туку и директно да се вклучиме, заедно со нашите корисници, во решавање на проблемот“.

    AirCare функционира така што користи отворени податоци за квалитетот на воздухот од државни, волонтерски и сателитски мерни станици.

    „На секој час, ние добиваме информација за квалитетот на воздухот од секоја станица и истата ја проследуваме до нашите корисници на мобилните апликации. Многумина веруваат дека ние сме тие што ги поставуваат мерните станици, но вистината е дека ние сме само корисници на тие податоци. Најчесто, или државните институции поставуваат мерни станици или обични граѓани, кои набавуваат делови на интернет и составуваат евтини сензори за индикативно следење на квалитетот на воздухот“.

    Апликацијата се однесува на еден од најактуелните и најголеми проблеми со кој се соочуваат и Македонија и светот и Јовановски верува дека таа помогна многу за да се крене свеста за загадувањето.

    „Нашиот тим е составен од прекрасни дечки, кои точно знаат како да визуелизираат податоци што на обичниот граѓанин би му биле тешки за разбирање. Ние не ги измисливме овие податоци, но бидејќи ги ‘ослободивме‘, односно ги направивме подостапни и појасни за разбирање, успеавме да ја покренеме јавната свест за загадувањето“.

    Крајната цел на Јовановски е AirCare да допре до целиот свет.

    „Во 2021 целиме да се прошириме насекаде во светот и да имаме податоци од сите сензори. Јужна Америка, Азија и Африка се континенти кои на големо се соочуваат со проблемот на загадувањето и тие ни се следна цел во проширувањето на глобалната приказна на AirCare“.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира