МОЈАТА ЗЕМЈА Е МНОГУ ВАЖЕН СТРАТЕШКИ ПАРТНЕР НА САД, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА КОНЗЕРВАТИВНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВАШИНГТОН

    МОЈАТА ЗЕМЈА Е МНОГУ ВАЖЕН СТРАТЕШКИ ПАРТНЕР НА САД, РЕЧЕ МИЦКОСКИ НА КОНЗЕРВАТИВНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ВАШИНГТОНИнтервјуто со Мицкоски го водеше Кејти Мекфарланд, членка на Одборот на ЦПАЦ и поранешена советничка за национална безбедност во првиот мандат на претседателот Доналд Трамп. (Фото: Принскрин од видео на ЦПАЦ)

    Премиерот Христијан Мицкоски ја претстави Македонија како многу важен стратешки партнер на САД во интервјуто на отворена сцена на Конференцијата за конзервативна акција во Вашингтон (ЦПАЦ). Интервјуто со Мицкоски, кое се одржа вчера на вториот ден од Конференцијата, го водеше Кејти Мекфарланд, членка на Одборот на ЦПАЦ и поранешена советничка за национална безбедност во првиот мандат на претседателот Доналд Трамп.

    Македонскиот премиер во 18-минутното интервју требаше да образложи зошто Македонија е важна за Америка во ерата на „Америка на прво место“ (America First)? Мицкоски зборуваше за тоа како Македонија може да им помогне на САД да бидат доминантен трговец со енергенси, за економскиот притисок од Кина, за односите со Европската Унија, промената на името и Уставот, членството во НАТО и зошто тој беше единствениот што му аплаудираше на потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс при неговиот говор на Минхенската безбедносна конференција минатата недела.

    На прашањето како Македонија може да помогне САД да бидат доминантни снабдувачи со енергија во светот, Мицкоски рече:

    „Оваа еднаквост сега недостасува, бидејќи нема гасовод кој поминува преку мојата земја, и ние го градиме тој гасовод. Го градиме нашиот јужен интерконектор со Грција. Ќе започнеме да го градиме северниот интерконектор со Србија, практично користејќи го терминалот Алексадрополи. Американскиот гас ќе биде голема конкуренција за постојниот гасовод Јужен Тек. Можеби сте чуле за Северен Тек, но никој не зборува за Јужен Тек, кој минува низ дното на Европа и носи руски гас. Американскиот гас преку овој гасовод, што ќе поминува преку мојата земја, ќе биде голема конкуренција за рускиот гас во Централна и Западна Европа. Затоа сме многу важни и затоа сме стратешки партнери“.

    Мекфарланд посочи дека Македонија, иако мала, дава еден од најголемите придонеси по глава на жител во НАТО и се заблагодари за тоа, на што Мицкоски додаде: „Ние вложуваме над 2 проценти. Целосно сме усогласени и ги поддржуваме политиките на претседателот Трамп. Мислам дека 2 проценти треба да бидат минимум, не максимум“.

    Во врска со проширувањето на Кина на Балканот, Мицкоски рече дека „секако дека сме под голем финансиски притисок кој доаѓа од таа земја. Но, единствениот дел што им недостасува во нивниот економски мозаик е токму мојата земја“.

    „Зошто? Бидејќи Северна Македонија е природен крстопат на два многу важни паневропски коридори: Коридор 8 и Коридор 10. Коридор 10 ја поврзува Јужна Европа, односно Грција и грчките пристаништа со Централна и Западна Европа. Коридор 8 е вториот најважен коридор за НАТО и го поврзува Црното Море со Јадранското Море. Овие два коридори се сечат на територијата на мојата татковина. И единствениот дел што му недостасува на овој азиски гигант е територијата на мојата земја. Бидејќи сме стратешки партнери на Соединетите Американски Држави, би бил многу отворен за, да речеме, што е можно повеќе инвеститори. Американските компании веќе се присутни во мојата земја, кои ќе бидат голема конкуренција на кинеските компании што веќе се во регионот. Затоа, мојата земја, мојата татковина, е од големо значење не само за за САД, не само за регионот, туку и за Европа исто така“, рече премиерот Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира