Министерството за образование и наука (МОН) денес го објави повикот за нови учебници за трето одделение за учебната 2023/2024 година, за да учениците во септември 2023 навреме ги добијат материјалите.
Учениците од прво, второ, четврто и петто одделение оваа учебна година, 2022/2023 ја почнаа со работни материјали, а учебниците ги добија неодамна, на безмалку месец и половина пред крај на првото полугодие од учебната година 2022/2023.
„Објавен е повик за автори за поднесување предлог учебници за наставните предмети во трето одделение за учебната 2023-2024 година, за кои Бирото за развој на образованието веќе изготви нови наставни програми. Повикот се објавува порано од досегашната вообичаена практика, за да се обезбеди сигурност дека постапка за одобрување на учебниците за трето одделение по македонски, албански, турски, српски и босански јазик, како и по математика, природни науки и општество, ќе заврши пред почетокот на учебната година следниот септември“, соопшти денес МОН.
Крајниот рок за доставување на ракописите за учебници е 13 февруари 2023.
Б. НЕСТОРОСКА