МОРА ЛИ СЕКОЈ КРИМИНАЛЕЦ ДА ЗНАЕ КАЈ Е МИЈАЛКОВ ВО СЕКОЈ МОМЕНТ, ВЕЛИ ШВРГОВСКИ ЗА НЕМОЖНОСТА СЈО ДА ГО НАЈДЕ НА АДРЕСАТА ШТО ИМ ЈА ПРИЈАВИЛ

    МОРА ЛИ СЕКОЈ КРИМИНАЛЕЦ ДА ЗНАЕ КАЈ Е МИЈАЛКОВ ВО СЕКОЈ МОМЕНТ, ВЕЛИ ШВРГОВСКИ ЗА НЕМОЖНОСТА СЈО ДА ГО НАЈДЕ НА АДРЕСАТА ШТО ИМ ЈА ПРИЈАВИЛЕксдиректорот на УБВ Сашо Мијалков е првообвинет во случаите на СЈО „Таргет“ и „Тврдина“, денес во Апелација вети пред Судот „под полна материјална, морална и кривична одговорност“ дека ќе биде секогаш присутен за судот (Фото: СДК.МК)

    Ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, за кого Специјалното обвинителство сега пред Апелациониот суд Скопје бара изрекување мерка притвор, вети пред Судот „под полна материјална, морална и кривична одговорност“ дека ќе биде секогаш присутен за судот. И досега, рече тој денеска на седницата за жалби, секогаш совесно и одговорно се јавувал кај СЈО, освен двапати, кога им се јавил од странство на обвинителите дека немал авиокарти во дадените термини.

    На ова, обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов се спротивстави: „Постојат повеќе службени белешки за избегнување на покани од СЈО во текот на истрагата, за селективно примање на покани, а обвинетиот не може да се најде ни на адресата на која пријавил дека живее, па доставата за него е навистина проблематична. Кај него не само што има опасност од бекство, туку и опасност да ја попречи натамошната постапка“.

    „Сашо Мијалков од МВР има оценка за највисок степен на ризик на безбедноста. Мора ли секој криминалец да знае кај живее, во секој момент? И кај се видело за обвинителен предлог, по скратена постапка, да се бара притвор?“, праша адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски.

    Сашо Мијалков е првообвинет, не во обвинителниот акт, туку во обвинителниот предлог за „Тврдина“ и „Таргет“ за злосторничко здружување во нелегалното прислушување на илјадници граѓани, и во гмечењето и дробењето на системите во МВР со кои се прислушувале без судска наредба илјадници граѓани. Поседува стан и компанија во Чешка, поради што СЈО има сомневања дека ќе избега и поради што инсистира на мерката притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира