МОРА ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ДА СЕДНАТ НА МАСА И ДА НАЈДАТ КОНСЕНЗУС И РЕШЕНИЕ ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА, АПЕЛИРАШЕ КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКА

    МОРА ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ДА СЕДНАТ НА МАСА И ДА НАЈДАТ КОНСЕНЗУС И РЕШЕНИЕ ЗА ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА, АПЕЛИРАШЕ КАНЧЕСКА-МИЛЕВСКАПремиерот Зоран Заев рече дека нацрт текстот на уставните амандмани ќе го пишуваат заедно власта и опозицијата.(Фото: К. Попов)

    Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Елизабета Канческа-Милевска  ги повика лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски да седнат на заедничка маса за да најдат потребниот консензус и одржливо решение кое може да се најде преку неколку  суштински измени на Договорот од Преспа.

    „Лидерите  на политичките партии треба да го истуркаат овој процес и да помогнат. Голема е нивната одговорност за Македонија да не биде изолирана. Требаше искрено да се пристапи кон решавање на ова големо прашање. Мора да си ги признаеме меѓусебно грешките инаку нема да одиме напред кон иднината.“, кажа Елизабета Канческа-Милевска на собраниската седница расправата за уставните измени во всрка со договорот со Грција.

    „Патриот за мене е оној кој мисли на иднината на државата, активно дава предлози за решение и учествува во нив“, рече таа и потенцираше дека е нечесно да се префрла целата одговорност врз пратениците кои немаат мандат да пристапат кон менување на Уставот за промена на името, затоа што кога станале партеници дале заклетва дека ќе го почитуваат Уставот.

    „Мислевте дека брзо ќе успеете да го протуркате ова сензитивно прашање и целата одговорноста да ја префрлите врз пратениците, тоа е нечесно“, рече  Канческа-Милевска.

    Таа го криткуваше владејачкото мнозинство поради лошото менаџирање на целиот процес околу Договорот од Преспа и  референдумот.

    „Поради лошо организирање на целиот процес, се пропушти шансата уставните измени да бидат донесени со акламација од сите 120 пратеници. Селективно информиравте за преговорите со Грција, не го вклучивте претседателот на државата и опозицијата. Беше скратено правото на пратениците да дебатираат со кратење на роковите“, рече Канческа-Милевска и додаде: „Не смееше да се организира референдум без предходно да се обезбеди национален консензус и да се прифати промената на уставното име без да се има обезбедно потребното 2/3 пратеници (80) во Собранието“.

    Премиерот Зоран Заев  во репликата до Канческа-Милевска рече дека процесот на преговорите се водел транспарентно и за се биле консултирани и Ѓорге Иванов и Христијан Мицкоски.

    „Доколку Христијан Мицкоски се согласеше да го повика членството да гласа ‘против’ референдумот ќе беше задолжителен, а не консултативен. Опозицијата немаше дефиниран став“, рече Заев.

    Тој кажа дека нацртот на уставните амандмани ќе ги пишуваат заедно власта и опозицијата.

    „Заедно ќе ги правиме уставните амнадмани и власта и опозицијата,  да го појасниме идентитетот и јазикот, тоа се работи кои ни тежат“, кажа Заев.

    За дискусија се останати уште околу 20 пратеници. Поголемиот дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од дискусиите бидејќи сметаат дека веќе било беспредметно да се разговара за уставните измени. Од опозицијата останаа за дискусија Панче Минов, Трајко Вељаноски, Владанка Алвировиќ и Нола Исмајлоска-Старова.

    Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев пред крај на денешната расправа побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да продолжат да работат и после 18 часот.

    „Поради важноста на темата, а во салата се и премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, побаравме да работиме и по 18 часот, но немаме одговор“, рече Данев.

    Џафери не го прифати барањето на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според Деловникот пратеник нема право да бара продолжување на работното време, тоа може да го направи само претседателот на Собранието.

    Собраниската седница продолжува утре.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира