МОЖЕ ЛИ 5-6 СУДЕЊА МЕСЕЧНО, ГО МОЛАТ СУДИЈАТА РОДИТЕЛИТЕ НА ЧЕТИРИТЕ УБИЕНИ МОМЧИЊА КАЈ СМИЛКОВЦИ ВО 2012

    МОЖЕ ЛИ 5-6 СУДЕЊА МЕСЕЧНО, ГО МОЛАТ СУДИЈАТА РОДИТЕЛИТЕ НА ЧЕТИРИТЕ УБИЕНИ МОМЧИЊА КАЈ СМИЛКОВЦИ ВО 2012Судијата Ставрев ги информираше обвинетите дека нивните телефони во мај ги дал на вештачење во МВР и оттаму му кажале дека во моментов само нив ги истражуваат и оти наскоро ќе има наоди. - Од судење за „Монструм“ (Фото: СДК.МК)

    Судењето за случајот „Монструм“ на кое веќе подолго време се пуштаат разговори и смс пораки од бомбите денеска се одложи поради смртен случај во семејство на поротничка. За да не го враќа отпочеток судењето, со замена на нов поротник во овој судски процес, судијата Огнен Ставрев го одложи денешното рочиште, а тоа ги погоди родителите на убиените Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски.

    Четирите момчиња и рибарот Борче Стефановски беа убиени во април 2012 и тие уште ја чекаат правдата.

    „Може ли судија од наредниот пат кога ќе продолжиме да дадете 5-6 рочишта во еден месец“, замоли мајка на една од жртвите, чија смрт седум години е мистерија и покрај тоа што судењето се одржува по вторпат.

    Судијата Ставрев ги информираше обвинетите дека нивните телефони во мај ги дал на вештачење во МВР и оттаму му кажале дека во моментов само нив ги истражуваат и оти наскоро ќе има наоди.

    И натаму Косово не ги екстрадира двајцата главни обвинети Африм Исмаиловиќ и Алил Демири.

    Продолжението на ова судење, судијата Ставрев рече дека ќе го закаже дополнително, а родителите ги уверуваше дека ќе направи сѐ што може да зафати повеќе термини секој месец.

    Обвинетиот Хаки Азири побара и да бидат пуштени и бомби од Ел Чека, на што обвинителката Фатиме Фетаи му објасни дека првин треба овие над 3.000 разговори и смс пораки да се преслушаат, па потоа нивни докази.

    Досега, според она што беше пуштено од илјадници разговори и пораки нема ништо конкретно што го разјаснува ова петкратно убиство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира