МОЖНО Е ЦЕНТАР ЗА ИЗГОРЕНИЦИ ДА СЕ ОТВОРИ НА МЕСТОТО НА КОВИД-ЦЕНТАРОТ ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, РЕЧЕ ТАРАВАРИ

    МОЖНО Е ЦЕНТАР ЗА ИЗГОРЕНИЦИ ДА СЕ ОТВОРИ НА МЕСТОТО НА КОВИД-ЦЕНТАРОТ ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, РЕЧЕ ТАРАВАРИСпоред последниот извештај од Таравари, во скопските болници денес има 22 повредени во кочанскиот пожар, осум ќе бидат испишани и ќе останат 14. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Арбен Таравари денеска рече дека постои можност Центарот за изгореници да се врати во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“. На 16 март во кочанската дискотека „Пулс“, во пожар загинаа 59 лица, а 197 беа повредени и повеќе од половината беа испратени на лекувања во странски медицински центри. Македонија од 2016 нема Центар за изгореници.

    На новинарско прашање дали се размислува за повторно отворање на Центар за изгореници, денес Таравари одговори:

    „Веќе зборуваме со директорот на ‘8 Септември’, да се отвори Центарот за изгореници на местото каде што беше ковид-центарот. Со директорот сме координирани, нему му требаат човечки ресурси и евентуално таму може да биде иден Центар за изгореници. Но, и да имавме сега Центар за изгореници, со 10 легла за 200 пациенти е малку“.

    Првиот официјален Центар за изгореници е формиран со формирањето на Воената болница во Скопје, под раководство на Полковник д-р Крсте Митановски д-р сци.мед према стратегијата на здравството на Јуословенската народна армија (ЈНА). Центарот за изгореници во „Св. Наум Охридски“, позната како Стара Градска болница, беше отворен во 2000 за третман на пациенти со тешки и длабоки изгореници за целата земја. Тој беше опремен со хируршка сала и специјални водени кревети и имаше посебен влез со што беше одвоен од другите пациенти и беа обезбедени соодветни стерилни услови. Центарот беше изграден со донација од владата на Јапонија. Центарот згасна кога почна реновирањето на Болницата.

    Според последниот извештај од Таравари, во скопските болници денес има 22 повредени во кочанскиот пожар, осум ќе бидат испишани и ќе останат 14. Од странство денес се враќаат осуммина и ќе останат 91 пациент на лекување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира