МУХАМЕД ЗЕКИРИ ОСУДЕН ДА ВРАТИ 1.152.000 ЕВРА НА ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ, А ДОБИ И 2,5-ГОДИШНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ЈАВНА НАБАВКА ЗА КОНСУЛТАНТСКИ УСЛУГИ

    МУХАМЕД ЗЕКИРИ ОСУДЕН ДА ВРАТИ 1.152.000 ЕВРА НА ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ, А ДОБИ И 2,5-ГОДИШНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ЈАВНА НАБАВКА ЗА КОНСУЛТАНТСКИ УСЛУГИЗеќири е неправосилно осуден за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувањата, казна која сега со измените на Кривичниот законик, е многу смалена (Фото: МИА/принтскрин)

    Поранешниот генерален секретар во Владата Мухамед Зекири неправосилно денеска во Основниот кривичен суд Скопје е осуден на казна затвор од две години и шест месеци, од која треба да се одбие повеќемесечниот престој во затворски и во куќен притвор.

    Но потешкиот дел од казната е што Зекири треба да врати 1.152.000 евра во државната каса, според пресудата на судијката Фанка Јанчулева.

    Зеќири е неправосилно осуден за продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувањата, казна која сега со измените на Кривичниот законик, е многу смалена.

    Зеќири како генерален секретар на Владата, со умисла, извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тој, во периодот од април 2021 до март 2022, како владин функционер спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврата, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две фирми од Хрватска како даватели на услуги.

    На 04.05.2021 година, обвинетиот, без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани (недостапни на органите на прогон), склучил договор за консултантски услуги со фирма, на износ од 795.000 евра без ДДВ во денарска противвредност. Ова правно лице, во кое еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител, било основано дваесет дена пред склучувањето на Договорот. По склучениот договор, правното лице склучило Договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД Пошта на Северна Македонија Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130.000 евра во денарска противвредност.

    Во критичниот период, во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ биле исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари, што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18% ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ.

    Вториот – Договор за консултантски услуги бил за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23.06.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант). Договорот бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ. На сметка на ова правно лице Владата врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162,00 денари за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138,00 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ.

    Со опишаните дејствија обвинетиот прибавил противправна имотна корист од значителна вредност за двете правни лица во вкупен износ од 89.385.255,00 денари, за колку и го оштетил Буџетот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира