МВР ЈА ИМА СМС-ПОРАКАТА ШТО МИЦКОСКИ МУ ЈА ПРАТИЛ НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИК ДА ЈА ПРЕКИНЕ ИСТРАГАТА ЗА ТЕРЕТАНАТА

    МВР ЈА ИМА СМС-ПОРАКАТА ШТО МИЦКОСКИ МУ ЈА ПРАТИЛ НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИК ДА ЈА ПРЕКИНЕ ИСТРАГАТА ЗА ТЕРЕТАНАТАСпоред службената белешка за која заменичката-министер Славјанка Петровска вели дека МВР ја има, Мицкоски со јавување по телефон, но наводно и со смс-порака, му вршел притисок на дополнителниот помошник-министер дека нејќел да го потпише извештајот со кој се затвора случајот во негова корист, без вештачење на снимките. - Принтскрин од снимката објавена на Твитер на 25 април

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не само што му се јавил на дополнителниот помошник-министер во Одделот за внатрешна контрола во МВР, туку му пишал и смс-порака да ја прекине истрагата за снимките од посета на теретаната во време кога поради пандемијата сите теретани беа затворени, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во МВР, кои не се овластени да даваат информации за јавноста.

    Внатрешната контрола не води истрага за тоа што теретаната била специјално отворена за лидерот на опозицијата наводно во време на најстрога забрана, бидејќи тоа е домен на јавна безбедност, туку за присуство на тројцата обезбедувачи од МВР во придружба на Мицкоски. Видеоснимката од празната вежбална на која се гледа Христијан Мицкоски и обезбедувањето кое носи гумени ракавици, на социјалните мрежи беше објавена на 25 април.

    Според службената белешка за која синоќа заменичката-министер Славјанка Петровска вели дека МВР ја има, Мицкоски со јавување по телефон, но наводно и со смс-порака, му вршел притисок на дополнителниот помошник-министер дека нејќел да го потпише извештајот со кој се затвора случајот во негова корист, без вештачење на снимките.

    Петровска синоќа силно критикувајќи дека политичари им се јавуваат на полициски службеници, кажа дека случајот не е затворен, дека уште се вештачи видеото да се утврди точно кој ден Мицкоски и обезбедувањето од МВР биле во вежбалната. Се истражува и дали видеото било бришено, се вештачат, рече, и хард дисковите од видеонадзорот во теретаната.

    Службената белешка со наводните притисоци и јавувања од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја имал и министерот Наќе Чулев.  Тој три дена по објавувањето на видеото за кое имаше бројни реакции на социјалните мрежи, рече дека по допрен глас била отворена истрага. Корисниците на твитер обвинуваа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги прекршува мерките за заштита од коронавирус.

    Но, Чулев кажа дека настанот се случил на 20 октомври 2019 година. На Фејсбук тој напиша дека  станува збор за стара снимка, а за гумените ракавици што ги носат обезбедувачите на Мицкоски, рече дека тоа не биле ракавици, туку отсјај од нивните раце.

    За разлика од Чулев, дополнителната заменичка-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска вели дека МВР сè уште нема утврдено од кога потекнува снимката и затоа никој, па ни Чулев не може да тврди дека истрагата е завршена. Снимките се вештачат, рече таа, а за Мицкоски кажа дека барал од дополнителниот помошник-министер овој случај побрзо да се реши, затоа што имало негативен одек во јавноста за него.

    „Моментално се вештачат хард дисковите од теретаната. Целта на тоа вештачење е да се провери веродостојноста на снимката и дали нешто е бришено од хард дисковите и затоа истрагата не е завршена. Нема потреба Мицкоски да врши притисок кај дополнителниот помошник-министер во одделот на Внатрешната контрола, за што имам службена белешка. Мицкоски бараше овој случај побрзо да се реши. Точно е дека во извештајот на Внатрешна контрола стои дека снимката не потекнува од еден мал период од – до во април. Ама сите сме сведоци дека вирусот трае март, цел април и сега. Не можете да ја затворите истрагата ако потврдите дека снимката не е од еден мал период, ако не покажете од кога точно потекнува. Токму затоа е истрагата за хард дисковите и дали нешто е бришено од нив“, рече таа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира