МВР НЕ ЈА ТОЛЕРИРА ОМРАЗАТА КОН „ЛЕВ ТАХОР“, ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ОХРИЃАНКА КОЈА ПОВИКА ДА СЕ ЗАПАЛИ ХОТЕЛОТ КАЈ ШТО ПРЕСТОЈУВААТ

    МВР НЕ ЈА ТОЛЕРИРА ОМРАЗАТА КОН „ЛЕВ ТАХОР“, ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ОХРИЃАНКА КОЈА ПОВИКА ДА СЕ ЗАПАЛИ ХОТЕЛОТ КАЈ ШТО ПРЕСТОЈУВААТПријавената кажала во полиција дека постот вчера самата го избришала, но тоа не ја спаси. (архивска фотографија)

    Кривична пријава за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем поднесе МВР против В. С., која на Фејсбук напиша да се запали хотелот кај што престојуваат дојдените припадници на еврејската религиозна група „Лев Тахор“ (Чисто срце).

    Полициски службеници од СВР Охрид вчера извршиле службен разговор со В. С. (38) од Охридско, која во текот на вчерашниот ден на социјалната мрежа Фејсбук поставила содржина со која извршила кривично дело „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, казниво по член 394-г од КЗ. При разговорот В.С. изјавила дека таа во неделата ја поставила содржината, а вчера самата ја избришала.

    По целосно документирање на случајот до ОЈО Охрид ќе биде поднесена кривична пријава по член 394-г од КЗ, вели МВР.

    Жителите од охридското село Лакочереј, каде моментално престојува еврејската религиозна група „Лев Тахор“, на газдата од хотелот каде се сместени му беа дале рок до денеска да ги избрка. Во спротивно, се заканија дека ќе излезат на масовни протести, а децата нема да ги пуштат на училиште, оти школото било само на 500 метри од хотелот па стравувале тие да не им ги киднапираат.

    Еврејската религиозна група „Лев Тахор“, која претходно престојуваше во Куманово и Скопје во неделата навечер е донесена во охридското село Лакочереј. Оттогаш жителите вознемирени и уплашени бараат да се исели групата.

    „Лицата за кои прашувате ги почитуваат законите на Република Северна Македонија, се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава. Наведената група не претставува никаква опасност и апелираме на толеранција и солидарност кон истите“, кажаа од МВР, но паниката продолжи.

    Очевидци од местата низ кои престојуваат, велат дека овие луѓе никого на криво не погледнале, а камо ли да прават проблеми. Сепак, верниците најпрво во Куманово, а потоа и во Скопје предизвикаа лавина негативни реакции и говор на омраза на социјалните мрежи, како и напади со фрлање јајца и камења, поради што полицијата мораше да ги чува.

    Групата во која членуваат американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, до пред десетина дена престојувала во Сараево, Босна и Херцеговина, па откако завршил престојот дошла во Македонија. Тука планирале да останат извесен период и потоа да продолжат понатаму. Честото селење е типично за групата, па така освен во Македонија и Босна и Херцеговина, одреден период престојувале и во САД, Канада, Израел и Романија.

    „Лев Тахор“ е еврејска религиозна група основана во 1988 која брои 250 членови. Верниците се противат на државното уредување од верски причини, поради што живеат по свои правила во верба дека човекот може да го спаси само господ. Но поранешни членови кои ја напуштиле групата сведочат дека лидерите последниве години вовеле екстремни практики, како детски бракови и малолетнички секс.

    Тие претходно ја напуштиле Канада, откако нивниот водач и неколку членови биле обвинети и лани во ноември во САД осудени за киднапирање 14-годишна девојче и 12-годишно момче од мајка која претходно била дел од групата и подоцна ја напуштила. Според американските власти, еден од лидерите вмешан во киднапирањето е брат на жената чии деца ги грабнал за да ги врати во групата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира