МВР ПОТРОШИЛО 50 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ВЕСНИЦИ, ТАЛЕСКИ И БЕЈТА ЗА МЕДИУМСКИ РЕКЛАМИ ДАЛЕ 110 ИЛЈАДИ ЕВРА

    МВР  ПОТРОШИЛО 50 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА ВЕСНИЦИ, ТАЛЕСКИ И БЕЈТА ЗА МЕДИУМСКИ РЕКЛАМИ ДАЛЕ 110 ИЛЈАДИ ЕВРАЕден и пол милиони евра министерствата и Општините потрошиле за рекламирање во печатените медиуми, регионалните, локалните и онлајн медиуми во 2016 година.- Од прес-конференцијата на ЗНМ,(Фото:СДК.МК)

    И покрај формалниот мораториум за владини реклами од мај, 2015 година, јавните институции по разни основи продолжуваат да трошат сериозни средства за рекламирање во медиумите. Еден и пол милиони евра  министерствата и Општините потрошиле за рекламирање во печатените медиуми, регионалните, локалните и онлајн медиуми во 2016 година, а четири  министерства и 23 општини не дале податоци, се вели во Извештајот за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во 2016, што денеска го претстави Здружението на новнари на Македонија (ЗНМ).

    Највеќе пари за рекламирање од општините одвоиле Битола и Гостивар. Битола за рекламирање дала 60 илјади евра, а Гостивар 50 илјади евра. Општините Гевгелија, Делчево, и Куманово потрошиле десетици илјади евра за регионалните телевизии за пренос на седниците на советот, или за објавување соопштенија.

    Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека загрижува фактот што пола од средствата оделе за политичка пропаганда за работата на градоначалникот и на Советот на општината.

    Од министерствата најмногу средства, 50 илјади евра за претплати на весници, има потрошено министерството за внатрешни работи

    „Начинот на распределба  и целта поради која се трошат парите во медиумите оставаат сомнеж дека министерствата и општините сакаат да ја купат наклонетоста на медиумите и да ги инструментализираат нив за политички интереси. Со тоа се поткопува нивата независност“, рече Селмани на денешната прес-конференција.

    Само министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) потрошило 700 илјади евра како субвенции за националните телевизии за поттикнување на домашната играна и документарна програма.

    „Во програмските шеми на телевизиите уште преовладуваат турските серии и забавните српски програми. Ако овие средства битно не влијаат на збогатувањето на програмската шема на телевизиите, логички се поставува прашањето која е нивната вистинска намена. Ние сме убедени дека власта не се грижи за домашната продукција, туку на купувањето на наклонетоста на медиумите“, рече Селмани.

    Тој додаде дека таму каде не функцинираат парите за да се воспостави контрола на медиумите, власта користи гола сила да ги замолчува новинарите.

    „Според нашите податоци, во последните четири години нападнати се над 40 новинари, од кои околу пола од нападите се случиле во 2016. Имавме прогонувани новинари, еден осуден на затворска казна, а друг повеќе од една година е во притвор осомничен за незидржани обвинувања. Овој факт јасно сведочи за драматичната ескалација на насилството врз новинари. Во Македонија постои јасна политика на неказнивост на насилството против новинарите. Убедливо најголем дел од инцидентите не се расветлени, а ниту еден насилник не е казнет“, рече Селмани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира