Министерството за внатрешни работи ќе користи и дронови за следење на изборите за побрза интервенција во случај на инциденти. Како што соопштија од МВР, согласно направените проценки и воспоставените планови, на денот на изборите полициските службеници ќе бидат присутни во близина на избирачките места и на клучните сообраќајни точки, со цел зголемена ефикасност и навремено откривање на можни нарушувања на јавниот ред и мир.
„Безбедноста на граѓаните ќе биде гарантирана со стандардните материјално-технички средства, мобилни тимови и пунктовско работење, а ќе се користи и современа технологија – дронови за воздушна контрола, со цел побрза реакција и преземање на соодветни мерки и активности во случај на инциденти“, соопшти МВР
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии да придонесат за мирна и демократска атмосфера, да ги почитуваат упатствата на полициските службеници и да се воздржат од какви било активности кои би можеле да го нарушат изборниот процес.
Во текот на изборниот ден, како што најавуваат, МВР соодветно ќе ја информира јавноста за одвивањето на изборниот процес.



