Aвтопатската делница Петровец-Катланово во должина од 5 километри сè уште стои раскопана, со дупки и прокопи без никакви градежни активности, иако почна да се реконструира уште во септември 2020 година во предизборната кампања пред локалните избори.
Иако станува збор за делница од по 5 километри во двата правци, таа сè уште не е завршена. На потегот ниту во моментов не се работи, а надлежните од Јавното претпријатие државни патишта за САКАМДАКАЖАМ.МК тврдат дека работите се веќе почнати.
Екипа на САКАМДАКАЖАМ.МК вчера беше на овој дел од автопатот „Пријателство“ кон Грција и на терен немаше никакви градежни работи. Немаше ниту еден работник, ниту пак градежна механизација. Потегот беше пуст, како да е заборавен и како да станува збор за пат кој е надвор од употреба. Стојат само знаците кои го насочуваат сообраќајот бидејќи дел од патот е затворен веќе двеипол години.
„Работите за рехабилитација со проширување на автопат А1, делница Петровец – Катланово, лев и десен коловоз веќе се отпочнати. Избран е нов изведувач фирмата „Макимсан“ од Турција, а надзор е Градежен институт Македонија здружен со Евро Конслатинг. Вредноста на договорот е 6,3 милиони евра кои се обезбедени од Европската банка за обнова и развој“, велат од Државни патишта.
Според договорот со турската фирма оваа делница од автопатот треба да биде готова до крајот на годинава.
На автопатот повеќе од една година нема никакви градежни работи, а лани летото беше раскинат договорот со изведувачот „Бетон“ оти не се почитуваше динамиката за работа.
„Поради енормно слабиот прогрес на работите и пробивањето на рокот, бевме доведени во ситуација да го раскинеме договорот, оти истиот не беше почитуван. Распишавме постапка за избор на нов изведувач. Таа е завршена и имаме избрано нов изведувач. Тој би почнал со работа следната година, согласно временските услови. Делницата ќе биде завршена следната година“, кажа пред три месеци министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Според проектот покрај нов асфалт на овој дел треба да се изведе уште една односно трета лента.
А. АНТЕВСКА