НА БЕЏЕТИ МУ КАЖАВ ДЕКА НЕ Е УМЕСНО НЕКОЈ ДА ГО ШТИТИ ВАНГЕЛОВСКИ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ОДГОВОРИ ЗАЕВ НА ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА МУ ВРШЕЛ ПРИТИСОК НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈ

    НА БЕЏЕТИ МУ КАЖАВ ДЕКА НЕ Е УМЕСНО НЕКОЈ ДА ГО ШТИТИ ВАНГЕЛОВСКИ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ОДГОВОРИ ЗАЕВ НА ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА МУ ВРШЕЛ ПРИТИСОК НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА САРАЈПремиерот Зоран Заев на денешната владина седница (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев вели дека со градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети зборувал за шпекулациите во јавноста оти некој го штити претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во Судскиот совет и му укажал дека такво однесување не е умесно ако е вистина, во одговорот на обвинувањата на Беџети дека Заев му вршел притисок да влијае на членови на Судскиот совет за разрешување на претседател на суд.

    „Со Беџети зборував и по повод шпекулациите во јавноста дека некој го штити Јово Вангеловски во Судскиот совет. Ме интересираше дали има вистина во тоа и му укажав дека не е умесно такво однесување, доколку постои. Секој треба да ја понесе својата одговорност согласно закон, без оглед на функцијата која ја врши. Тоа му го кажав на Беџети, тоа го кажувам и јавно“, напиша Заев на Фејсбук.

    Разрешувањето на Вангеловски беше ставено на дневен ред на седницата на Судскиот совет на 17 јули, но беше одложено на барање на новоизбраниот член Миљазим Мустафа, кој се изјаснил дека доцна ги примил материјалите од извештајот на тричлената комисија од Судскиот совет, која предложи Вангеловски да биде разрешен.

    За разрешување Вангеловски е предложен заедно со уште двајца врховни судии, кои заедно надгласаа двајца колеги во кривичниот совет на Врховниот суд со што му го укинаа притворот на тогаш избеганиот Сеад Кочан. Барањето беше не од Специјалното јавно обвинителство, чие што беше обвинението за „Труст“, туку од тогашниот државен Јавен обвинител Марко Зврлевски, кој поднесе такво барање преку обвинителот Ацо Колевски и се замеша во надлежностите и работата на СЈО.

    Судскиот совет требаше да расправа за разрешувањето на Вангеловски и на седницата на 10 јуни, но новиот претседател на Советот Киро Здравев на дневен ред стави тројца други судии, од кои двајца се врховни и токму Вангеловски им поднел иницијативи за разрешување.

    „Политичарите и граѓаните добро знаат дека постојаното одложување на одлуките во судскиот совет, во врховниот суд, во апелационите судови како и во основните судови низ државата се една од најсериозните причини за бавното враќање на правната држава и делењето на правдата“, вели Заев.

    Заев вели и дека разговара со сите градоначалници кога се работи за проблеми на општините и посебно проблеми кои ги загрижуваат граѓаните, а за кои може да помогне владата, па така и за, како што вели тој, проблемот за експанзија на дивоградби на Матка.

    Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 5 август побара од Обвинителството да отвори истрага против градоначалникот на Сарај Беџети, зашто не постапил по барањата за легализација на дивите платформи на Матка. Тој воопшто не решавал за нив, дивоградбите се таму и на нив дивите сопственици тераат угостителски бизнис.

    „Барав да се постапува по закон и низ институциите на системот. Тоа го бараат и граѓаните и тоа ќе го обезбедиме затоа што тоа е работа на јавните институции. Работа на градоначалникот е да работи во интерес на граѓаните, а не да брани дивоградби. Должност на секој е да работи и постапува исклучиво по закон. А, за работата на ДКСК судат токму тие кои ја плаќаат нивната работа, а тоа се граѓаните. Не е објективно за работата на ДКСК да судат тие против кои има предмети“, вели Заев.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари