Граѓаните без живеалиште, без адреса, и оние кои се сами и немаат родител до себе да присуствува во МВР за вадење на првата лична карта, најчесто Роми, додека чекаат како ги лаже државата дека ќе бидат впишани во Матичната книга на родени и ќе добијат лични карти, добиле случај против Министерството пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Комисијата утврдила дискриминација во областа на правосудство и управа врз основа на имотна состојба и социјално потекло, од страна на МВР како предлагач и спроведувач на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето. Случајот го водеше членот Лимко Бејзароски.
Комисијата бара МВР да поднесе измени во Законот и овие бездомни сограѓани, кои не се виновни што не можат да пријават живеалиште за да добијат лична карта, да можат барем како по примерот во Србија и во Хрватска, да пријават адреса на најблискиот Центар за социјални работи и да ја добијат лични карти. КСЗД бара во рок од три месеци, МВР да поднесе законски измени до собранието според кои лична карта ќе може да добијат и лицата кои немаат свој имот и кои не може да си дозволат ни да се под кирија. Во спротивно, ќе поведат прекршочна постапка пред надлежните органи.
„Според законското решение во Хрватска, лицата кои немаат живеалиште или средства за да ги подмират трошоците за станбени работи, со решение на надлежно тело, ќе им се утврди престојувалиште на адреса на социјална установа или друга институција поврзана со давање на услуги за сместување. Во српскиот закон се предвидува дека ако граѓанинот не може да пријави престојувалиште врз основа на сопственост на имот, договор за закуп или друга правна основа, надлежен орган може да му утврди адреса во центарот за социјална работа во подрачјето каде се наоѓа граѓанинот“, упатува Комисијата.
Пријавата е поднесена од ромска организација на 14 јуни 2023 година за дискриминација врз основа на имотна состојба и етничка припадност.
Она што најмногу иритира во објавеното мислење за утврдената дискриминација врз овие луѓе, е што не само МВР, туку одговор на Комисијата, до објавата на Мислењето, не ѝ испратиле ни Министерството за труд и социјална работа, ни Министерството за транспорт и врски.
С. К. ДЕЛЕВСКА