НА ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР ЈАХИ ЈАХИА, 42.430 ЕВРА МИТО МУ ЛЕГНАЛЕ НА ДОМАШНА СМЕТКА, А НА КОЛЕШКАТА 57.052 ЕВРА НА СМЕТКА ВО ГРЦИЈА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО КОЕ ДЕНЕС ИМ ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ

    НА ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР ЈАХИ ЈАХИА, 42.430 ЕВРА МИТО МУ ЛЕГНАЛЕ НА ДОМАШНА СМЕТКА, А НА КОЛЕШКАТА 57.052 ЕВРА НА СМЕТКА ВО ГРЦИЈА, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО КОЕ ДЕНЕС ИМ ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕПри претресот на домот на првообвинетиот во текот на 2019 година било пронајден пиштол, кој не бил евидентиран во евиденциите за оружје. - Од претресот на канцелариите во МИОА (Фото:СДК.МК)

    По спроведена истрага од меѓународни рамки во која беа вклучени и меѓународните организации ОЛАФ и ЕУРОПРАВДА, Обвинителството за организиран криминал до Основниот кривичен суд Скопје, поднесе обвинение против државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација Јахи Јахиа и против негова колешка, за проневера на 1.753.928 евра од ИПА проект.

    Република Северна Македонија, според правилата на ЕУ, ќе мора да ги врати назад овие пари, тамам и проектот да е најуспешно имплементиран, бидејќи не смее да има никаква злоупотреба и криминал во врска со нив.

    На 48-годишниот Јахиа му се става на товар дека во соизвршителство со второобвинетата Ј.Г. (53) сторил кривично дело – „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5, член 22, кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по чл. 273 став 1, како и за „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 став 1 од Кривичниот законик. Второобвинетата сторила кривично дело – „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 ст.5 и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по чл. 273 став 1 од Кривичниот законик.

    Според обвинението, во периодот од октомври 2012 до април 2017 година, првообвинетиот како службено лице – именуван функционер и Претседател на Управувачки комитет на проект, заедно и по претходен договор со второобвинетата – раководен државен службеник и член на Управувачкиот комитет, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за една фирма од Италија, постапиле спротивно на нивните службени обврски и ги искористиле своите службени положби и овластувања.
    Обвинетите, спротивно на принципот за доверливост и на принципот за еднаков третман на апликантите дефинирани во PRAG/ПРАГ – „Практичното упатство“ кое е задолжително за постапување на сите корисници на средства од ИПА фондови, иако биле свесни дека е недозволиво, споделувале доверливи тендерски информации за условите за работење и „ТОР“ (Terms of references) за два ИПА проекти што се спроведувале во две министерства.

    Италијанската фирма, која е под кривичен прогон таму, ги искористила неовластено споделените информации, изготвила понуда адаптирана на потребите и ги исполнила прсктично сите технички и финансиски услови. Воедно, обвинетата Ј.Г. во претходен договор со обвинетиот Јахиа, за едниот проект помогнала при изготвувањето на финансиската понуда на правното лице – апликант и ја прилагодила согласно на условите кои биле објавени во тендерот. Со ваквите дејствија обвинетите му овозможиле на правното лице да има незаконита правна предност во однос на другите апликанти на тендерите и истото да биде избрано за изведувач на проектите.

    Како награда за поддршката, обвинетите од страна на италијанското правно лице освен со туристички патувања биле наградени и со парични средства. Па така, првообвинетиот за успешното издавање на доверливи информации добил бакшиш од 42.430 евра, додека второобвинетата за услугите што ги извршила за време на спроведување на проектите, била почестена со 57.052 евра.

    Италијанската фирма митото на двајцата им го исплатила од парите од ИПА проектот кој го добила со нивна помош, противзаконски. На Ј.Г. ѝ исплатиле на сметка која за да го скрие трансферот, таа ја отворила во Грција.

    „Со преземените дејствија обвинетите ја довеле во прашање законитоста на спроведените проекти. Европската Комисија согласно член 29.1 од Рамковната спогодба склучена меѓу РС Македонија и Европската комисија за правилата за соработка во однос на финансиската помош на ЕК за РСМ, во рамките на спроведувањето на помошта според инструментот за претпристапна помош (ИПА), преку Генералниот директорат за проширување и соседска политика, побарува поврат на средствата доделени за спроведување на проектите во висина од 982.307,65 евра за првиот проект, односно 771.620,20 евра за вториот проект. Износот во вкупна вредност од 1.753.927,85 евра треба да се врати на Европската Комисија, а на штета на Буџетот на Р.С.Македонија.

    При претресот на домот на првообвинетиот во текот на 2019 година било пронајдено оружје – пиштол марка „Лугер“, што не e евидентиран во евиденциите за оружје. Обвинетиот неовластено го поседувал.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира