Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека е зајакнато обезбедувањето на границата со Грција поради зголеменото собирање на мигранти во камповите кај јужниот сосед. Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на дипломатски брифинг, рече дека станува збор за група од 1.200 до 1.500 мигранти, бројка која, како што кажа, грчките колеги ја контролираат.
„Досега станува збор за група од околу 1.200 до 1.500 мигранти. Засега грчките колеги ја контролираат таа бројка, но секако имаме обврска да бидеме подготвени да ја штитиме границата и евентуалната можност за влез во Република Северна Македонија“, изјави Спасовски.
Тој додаде дека е зголемен трендот за илегален влез на јужната граница, но вели дека ако се погледнат бројките за тоа колку мигранти се вратени кои сакале илегално да преминат, таа бројка во 2018 година е околу 16.900.
„Тоа покажува дека имаме зголемен тренд, меѓутоа и оти имаме добра заштита на границата заедно со колегите од другите полициски служби кои работат на обезбедувањето на македонско-грчката граница. Сепак, најголемиот дел од мигрантите преминуваат по друга рута, а оваа преку нашата земја и Србија, т.н Западнобалканска рута не функционира во овој момент“, вели Спасовски.
Утринава во Грција имаше протест на мигранти на железничката станица во Атина, која беше целосно блокирана. Мигранти бараат да бидат транспортирани до македонската граница за да им се приклучат на другите кои чекаат повторно да биде отворена мигрантската рута, која беше најактивна во 2016 година.