НА ГРУЕВСКИ МУ СЛЕДУВА СПЕЦИЈАЛЕН ТРЕТМАН ЗАТОА ШТО 10 ГОДИНИ БИЛ ПРЕМИЕР, ВЕЛАТ УНГАРСКИТЕ ВЛАСТИ, ОПОЗИЦИЈАТА ПОБАРА АНКЕТНА КОМИСИЈА ЗА СЛУЧАЈОТ

    НА ГРУЕВСКИ МУ СЛЕДУВА СПЕЦИЈАЛЕН ТРЕТМАН ЗАТОА ШТО 10 ГОДИНИ БИЛ ПРЕМИЕР, ВЕЛАТ УНГАРСКИТЕ ВЛАСТИ, ОПОЗИЦИЈАТА ПОБАРА АНКЕТНА КОМИСИЈА ЗА СЛУЧАЈОТГруевски поднел барање за азил во Будимпешта, место во транзитен центар. - Унгарскиот премиер на 28 септември 2017 дојде во Охрид на средба со тогашниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за поддршка пред локалните избори (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во унгарскиот парламент, Балаш Орбан, државен секретар во кабинетот на премиерот Виктор Орбан, кажа дека осудениот Никола Груевски добива специјален третман затоа што бил 10 години премиер, одговарајќи на пратеничко прашање, пренесе „Индекс.ху“.

    Тој потврди дека Груевски навистина аплицирал за азил, повторувајќи дека намерата да побара азил од Унгарија ја соопштил во амбасада во друга земја, без да каже која. Балаш одби да одговори како пристигнал Груевски во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија, но тврди дека унгарските власти не му помогнале.

    Балаш беше прашан за специјалниот третман за Груевски, бидејќи според унгарскиот закон, специјален третман за барател на азил следува во случај да е дете без придружба од родители, бремена жена, лица со посебни потребни или телесен инвалидитет и други ранливи лица.

    Адам Миркошки, пратеник од Јобик, втората најголема партија во унгарскиот парламент, рече дека станува збор за „многу лошо сценарио од Ш-шпионски филм“ и дека „ќе беше смешно да не беше вмешана унгарската влада“.

    Опозициската партија ЛМП, утринава на прес-конференција побара формирање анкетна комисија за случајот со Никола Груевски за да се утврди евентуалната вмешаност на унгарските власти во бегството на осудениот експремиер.

    Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир во три наврати не успеа да му го врачи упатниот налог оти во домот немаше никого.

    На 12 ноември македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје, а МВР објави национална потерница по Груевски.

    На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, а пет часа по објавениот фејсбук-статус, вечерта на 13 ноември и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.

    На 15 ноември Албанија официјално потврди дека на 11 ноември во 19:11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, во автомобил сопственост на Амбасадата на Унгарија во Тирана.

    Црногорската полиција на 15 ноември потврди дека Груевски со унгарско дипломатско возило влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.

    Премиерот Зоран Заев на прес-конференција на 16 ноември кажа дека уште на 13 ноември министерот за внатрешни работи на Унгарија се јавил кај Спасовски и потврдил дека Груевски е таму и дека барал азил и оти тие остануваат наши пријатели.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира