НА ХЕМАТОЛОГИЈА ЌЕ СЕ ПРЕСАДУВА КОСКЕНА СРЦЕВИНА И ОД НЕСРОДЕН ДАРИТЕЛ

    НА ХЕМАТОЛОГИЈА ЌЕ СЕ ПРЕСАДУВА КОСКЕНА СРЦЕВИНА И ОД НЕСРОДЕН ДАРИТЕЛ„Лани 25 пациенти на товар на ФЗОМ беа во странство на трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител, за што е платено од 150.000 до 200.000 евра по пациент“, кажа Венко Филипче, министер за здравство (Фото: Е. Ангеловска)

    Трансплантација на коскена срцевина на Клиниката за хематологија ќе може да се прави и од несродни дарители. Денес на Хематологија беше отворен реновираниот оддел за трансплантација, што според министерот за здравство Венко Филипче, се создадени услови да се воведе и овој тип на пресадување коскена срцевина и со тоа да се заштедат пари, бидејќи овие пациенти досега се лекуваа во странство.
    Тој кажа дека лани 25 пациенти со малигни заболувања на крвта за пресадување коскена срцевина биле пратени на лекување во странство на товар на Фондот за здравствено осигурување и дека тоа државата ја чинело од 150.000 до 200.000 евра по пациент.

    „Од денес пациентите на Клиниката за хематологија ќе се лекуваат во реновирани соби и простории по најнови светски стандарди. Станува збор за најтешките пациенти, кои се лекуваат од малигни заболувања на крвта, кои бараат трансплантација на коскена срцевина. Повеќе пациенти лани со оваа патологија беа испратени на лекување во странство, а со реновирање на просториите овозможено е овие пациенти да се лекуваат дома. Со тоа ќе има сериозни заштеди на буџетот, или некаде околу 70 отсто од парите кои досега ги плаќавме во странство ќе ги заштедиме, а тие пари ќе ги вложиме во развој на нашето здравство, во имплементирање на нови лекови на позитивната листа“, кажа Филипче.

    Трансплантација на коскена срцевина на Клиниката за хематологија се прави од 2000 година и досега се направени 500 пресадувања (Фото: Е.Ангеловска)

    Ирина Пановска Ставридис, директор на Клиниката за хематологија, кажа дека пресадување на коскена срцевина од сроден дарител на Клиниката се прави од 2000 година, и дека досега се направени 500 трансплантации. Таа рече дека Владата и Министерството за здравство финансиски помогнале да се реновира одделот и да се создадат потребните услови за пресадување коскена срцевина од несроден дарител, како и да се обезбедат потребните лекови. На Хематологија очекуваат од 10 до 20 вакви пациенти годишно.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари