НА ИСЧЕЗНАТИТЕ НЕ ИМ ФАЛАТ ОРГАНИ, НЕ ПАЃАЈТЕ НА ШПЕКУЛАЦИИ, СООПШТУВААТ ОД СУДСКА МЕДИЦИНА И ОД МВР

    НА ИСЧЕЗНАТИТЕ НЕ ИМ ФАЛАТ ОРГАНИ, НЕ ПАЃАЈТЕ НА ШПЕКУЛАЦИИ, СООПШТУВААТ ОД СУДСКА МЕДИЦИНА И ОД МВРОд Институтот за судска медицина апелираат да не се шират дезинформации и надлежните да преземат мерки против оние што ги шират дезинформациите. - Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла шпекулациите во јавноста за наводни случаи на киднапирања поради органи, а Институтот за судска медицина побара надлежните да преземат мерки против тие што шират паника, оти на ниту едно тело што до сега било донесено на обдукција, а пред тоа пријавено за исчезнато, не му фалеле органи.

    За последните случаи на исчезнување, од МВР велат дека се целосно расчистени и дека јасно и недвосмислено се работи за класични случаи на самоубиство.

    „Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла шпекулациите за постоењето на киднапери. Во Министерството за внатрешни работи досега не се пријавени, ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи. Министерството за внатрешни работи за последните случаи на исчезнување, кои што се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопшти дека се работи за класични случаи на самоубиство”, соопштија од МВР.

    Од Институтот за судска медицина за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека не се точни информациите оти на исчезнатите им недостигале органи.

    „И вчерашниот случај и претходниот со починатата жена, направена е обдукција на Институтот за судска медицина и телата се предадени на семејствата. Извештајот од обдукцискиот наод ќе биде предаден на Основното јавно обвинителство. Не се точни информациите дека им недостигале органи. Апелираме да не се шират дезинформации и надлежните да преземат мерки против оние што ги шират дезинформациите“, вели Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска кажа дека граѓаните нема за што да бидат загрижени во однос на безбедноста и дека бројот на исчезнати лица се намалува постојано и оваа година е помал од претхoдната.

    „Најлесно е да седите пред компјутер и да напишете нешто на социјалните мрежи што ќе ги вознемирува дополнително граѓаните на Република Македонија. Вчера прочитав информации за исчезнувања, па после се наоѓале луѓето со недостаток на одредени органи. Апсолутно ги демантирам овие работи“, вели министерот Спасовски.

    МВР ги повика граѓаните да не потпаѓаат не шпекулации со кои се шири паника и страв.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира