НА КАТИЦА ЈАНЕВА Ѝ СЕ СЛОШИ ПРЕД СУДИЈА НА ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА, ПРЕД РАСПИТОТ СТИГНА БРЗА ПОМОШ

    НА КАТИЦА ЈАНЕВА Ѝ СЕ СЛОШИ ПРЕД СУДИЈА НА ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА, ПРЕД РАСПИТОТ СТИГНА БРЗА ПОМОШОбвинителството приложува аргументи за опасност за влијание врз сведоци и за бегство, наспроти аргументите на Јанева и одбраната дека нема потреба за такви сомневања и за притвор. - Спроведување на Јанева во Кривичниот суд во Скопје - (Фото: К. Попов)

    На осомничената специјална обвинителка Катица Јанева ѝ се слошило кратко време откако беше изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1. Повикана беше Брза помош. Лекарската екипа излезе по околу половина час.

    Обвинителството приложува аргументи за опасност за влијание врз сведоци и за бегство, наспроти аргументите на Јанева и одбраната дека нема потреба за такви сомневања и за притвор.

    Јанева денеска беше приведена, а како доказен материјал Обвинителството го одзеде службениот компјутер од просториите на СЈО на улица Рузвелтова. Од станот под кирија во којшто живее во скопската населба Козле Обвинителството го изнесе мебелот за дневна соба, за кој има сомненија дека го купила со пари од осомничен во случајот на СЈО „Империја“.

    Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска бара притвор. Јанева е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и засега, е откриено дека за незаконските дејства околу помагањето на осомничениот Орце Камчев во истрагата за “Империја”, наплатила од него мебел во вредност од околу 5.000 евра.

    На Јанева ѝ се слоши и во Собранието на 23 септември 2016 година.

    Тогаш со денови одговараше на прашања на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кога го поднесе извештајот за работата на СЈО, по канонада напади и навреди кон неа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира