НА КИНЕСКИТЕ КОМПАНИИ НЕ МОЖЕ ДА ИМ СЕ ВЕРУВА ЗА 5Г МРЕЖИ, ВЕЛАТ ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ОТКАКО ГРУБИ РАЗГОВАРАШЕ СО КИНЕСКИОТ АМБАСАДОР ЗА ДИГИТАЛНИ КОМУНИКАЦИИ

    НА КИНЕСКИТЕ КОМПАНИИ НЕ МОЖЕ ДА ИМ СЕ ВЕРУВА ЗА 5Г МРЕЖИ, ВЕЛАТ ОД АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДА ОТКАКО ГРУБИ РАЗГОВАРАШЕ СО КИНЕСКИОТ АМБАСАДОР ЗА ДИГИТАЛНИ КОМУНИКАЦИИВицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо денеска разговарале „за стратешките електронски комуникации, 5Г мрежата и обврските што ги имаме како земја членка на НАТО и кон стратешките партнери“. (Фото: Влада)

    Ставот на САД е дека на кинеските компании како Хуавеи и ЗТЕ, кои произведуваат опрема и софтвер за 5Г мрежи, не може да им се верува, велат од Американската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК, откако денеска првиот вицепремиер Артан Груби имаше средба со кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо.

    Како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, Груби и Ѕуо разговарале „за стратешките електронски комуникации, 5Г мрежата и обврските што ги имаме како земја членка на НАТО и кон стратешките партнери“, по што побаравме коментар од Американската амбасада, како наш стратешки партнер.

    „Генерално, не коментираме средби во кои не сме вклучени, но по прашањето на 5Г, нашата позиција е јасна. Ние сакаме да видиме развиена дигитална економија ширум светот која што ќе има корист од она што го ветува 5Г мрежата. За тоа да се случи, сите ние мораме да имаме доверба во опремата и софтверот за 5Г и во компаниите што ги произведуваат дека нема да бидат закана по националната безбедност, приватноста, интелектуалната сопственост или човековите права. За жал, на компаниите како Хуавеи и ЗТЕ, кои се поврзани со кинеската влада, не може да им се верува дека ќе ги заштитат чувствителните податоци и интелектуалната сопственост. Северна Македонија има можност да ги искористи придобивките од дигиталната економија, но успехот ќе зависи од тоа дали ќе се користат снабдувачи од доверба, кои ќе ги заштитат приватните информации на граѓаните“, велат од Американската амбасада.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира