НА МИЈАЛКОВ МУ ЗАСТАРУВА ДЕЛОТО ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА ОПРЕМАТА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ, ТОЈ ТОВАР ОСТАНУВА НА ЈАНКУЛОСКА

    НА МИЈАЛКОВ МУ ЗАСТАРУВА ДЕЛОТО ЗА УНИШТУВАЊЕТО НА ОПРЕМАТА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ, ТОЈ ТОВАР ОСТАНУВА НА ЈАНКУЛОСКАНа Мијалков му остануваат делата злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањата за кои се предвидени повисоки казни, односно подолги рокови за застарување (Фото:СДК.МК)

    Од големиот судски процес „Тврдина-Таргет“ за незаконското прислушување во времето на ВМРО-ДПМНЕ кој се наближува кон крајот, во март ќе отпадне едното од кривичните дела на обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков, поради застарување. Застарува влијанието на Мијалков за уништувањето на опремата со која се вршело прислушувањето.

    Не му застаруваат носечките кривични дела за нелегалното прислушување, а тоа се злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    „И да биде утре првостепено осуден обвинетиот Мијалков, тоа кривично дело секако застарува во март, зашто за делото примање награда за незаконито влијание казната е само до 3 години затвор “, рекоа од Обвинителството.

    Товарот за гмечењето и пресувањето на прислушната опрема, само за да се скријат доказите за масовното следење на граѓаните, ќе остане врз обвинетата Гордана Јанкулоска, тогашна министерка за внатрешни работи, бидејќи во бегство е сообвинетиот ексначалник Горан Грујевски.

    Денеска на изненадување на судискиот совет на чело со судиите Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ, обвинетата Надица Николиќ од УБК не дојде. Нејзиниот адвокат покажа потврда од матичен лекар дека таа имала бронхитис, а судиите рекоа дека пред неколку дена на истово судење Николиќ не покажала знаци дека не се чувствува добро, со оглед на тоа дека лекарот пишал дијагноза бронхитис, а тоа воспалување не се добива туку-така, без неколкудневни симптоми, омалаксаност, па и болки.

    Бегтовиќ и Туфегџиќ забележаа дека во медицинската документација не е назначено оти обвинетата не може да присуствува и да го следи судскиот процес, поради што најавија дека судот ќе го провери наодот и дијагнозата напишани од лекарот. За следното рочиште в петок, судот кажа дека нема да го толерира отсуството на Николиќ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира