НА ОБВИНЕТ ЗА ПРОНЕВЕРАТА ОД 9,7 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА ДУРИ ДЕНЕСКА МУ ЗАТРЕБА ОБВИНИТЕЛЕН ПРЕДЛОГ НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК, СУДЕЊЕТО СЕ ПРЕКИНА ЗА ДА ДОБИЕ ПРЕВЕДЕН ДОКУМЕНТ

    НА ОБВИНЕТ ЗА ПРОНЕВЕРАТА ОД 9,7 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА ДУРИ ДЕНЕСКА МУ ЗАТРЕБА ОБВИНИТЕЛЕН ПРЕДЛОГ НА АЛБАНСКИ ЈАЗИК, СУДЕЊЕТО СЕ ПРЕКИНА ЗА ДА ДОБИЕ ПРЕВЕДЕН ДОКУМЕНТПо читањето на обвинението, сите обвинети освен избеганиот Бајрами и обвионетиот Авди, се изјаснија за невини. (Фото: СДК.МК)

    По 15-минутното читање на обвинителниот предлог (нема воведни зборови оти не е обвинение), обвинетиот Артан Груби и останатите сообвинети за проневера на 9,7 милиони евра во Државна лотарија, сите се изјаснија за невини. Груби, Перпарим Бајрами кому му се суди во отсуство оти е во бегство, потоа поранешниот претседател на Надзорниот одбор Скендер Мехмети, како и членовите Бојан Јанев, ексгенералниот секретар на Владата Методија Димовски, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авди, се изјаснија за невини. Но, всушност, во моментот на изјаснување на Авди, тој го искористи законското право и побара да добие обвинителен предлог на албански јазик.

    Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски изненадена зошто обвинетиот тоа не го сторил претходно, мораше да го прекине денешното рочиште и да му го задоволи барањето на Авди. За обвинителот Александар Давчевски ова е обид за злоупотреба на процесните права, имајќи предвид дека обвинетиот претходно добил судски поуки преку преведувач.

    На сите обвинети им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што ги сториле во 2023 и 2024 година.

    Пропишаната казна за овие кривични дела, е од една до пет години затвор.

    Според новиот прецизиран обвинителен предлог, првичната штета од околу 8,2 милиони евра  е зголемена на околу 9,7 милиони евра. Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.

    Адвокатот кој ја застапува Државна лотарија како оштетено правно лице изјави дека друштвото има побарувања, но дополнително ќе одлучува дали истото ќе го остварува во оваа кривична постапка или преку посебна граѓанска парница.

    Обвинетите биле свесни дека АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.

    И покрај тоа, првообвинетиот Бајрами, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 09.05.2023 година, до третиот обвинет Методија Димовски, генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог-заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.

    Димовски на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата на РСМ и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган, стои во обвинителниот предлог.

    Второобвинетиот Груби кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали. Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ.

    Груби по 14-месечно бегство се предаде на граничниот премин Блаце на 23 февруари 2026.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира