Со завршни зборови на Обвинителството за организиран криминал денеска продолжи судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Судењето продолжи со 18-мина обвинети, откако со Законот за амнестија постапката е запрена за 15-мина обвинети, меѓу кои пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски.
Обвинението за 17-мина обвинети, како што кажа обвинителката Ивана Трајчева, останува терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, додека за Оливер Радулов обвинението е помагање во терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Ним им се става на товар дека на 27 април 2017 година, со цел да не се одржи конститутивната седница на Собранието, извршиле акт на насилство, го загрозиле животот на пратеници, новинари, вработените во Собранието, создавајќи чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
Обвинителката Вилма Рускоска во своите завршни зборови рече дека на судот во носењето на пресудата не треба да влијае тоа што за исто кривично дело некој е амнестиран, а некој е на обвинителна клупа.
„Многу работи се случија од кога почна овој судски процес до сега кога сме на завршни зборови. Многу работи се случија и внатре во судницата и надвор од судот. Внатре нема да ги заборавам сведочењата на Душица Мрѓа, Фросина Ременски и Павле Богоевски. Нивните емоции кај мене како човек предизвика горчина и срам што таква траума им се случила во највисокиот законодавен дом. Законот за амнестија како политичка одлука донесе кај мене уште една горчина“ рече Рускоска.
Рускоска потоа во завршните зборови за секој од обвинетите изнесе каква била нивната улога во нападот на 27 април, што беше презентирано и за време на доказната постапка во текот на судскиот процес.
Неамнестирани останаа обвинетите: Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Игор Југ, Александар Василевски- Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Дурловски, Абдулфета Алими, Младен Додевски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.
А. АНТЕВСКА