Иницијативата „За чист воздух и здрави деца“ реагираше со објава на својата фејсбук страница дека стравува оти извесна иницијатива „За чист воздух“ е намерно создадена да се дискредитира граѓанската иницијатива која во средата попладне го организираше протестот во Градскиот парк во Скопје.
Само еден ден по протестот, на Фејсбук се појави ново движење „За чист воздух“ со петиција за собирање потписи против загадувањето на воздухот. На Фејсбук страната се постирани слики од протестот од средата, но организаторите на тој протест не можеле да стапат во контакт со носителите на оваа петиција за да направат координација.
Доменот на новото постпротестно здружение е регистриран надвор од Македонија и нема имиња на лицата кои се дел од тоа движење.
За нив е чудно што одеднаш се појавила и Фејсбук и Интернет страна со платен домен, се користат слики и линкови од протестот, а и името е исто со првиот дел од името на мотото под кое се организираше протестот.
„Поведени од досегашните искуства на различни пи-ар трикови за оцрнување на граѓанските активистички иницијативи чувствуваме потреба да ве информираме дека нашата иницијатива ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ И ЗДРАВИ ДЕЦА и денешното наводно движење ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ, НЕ СЕ ИСТИ активности и се потполно неповрзани. Не знаеме кој стои позади таа иницијатива и НЕ СТОИМЕ ПОЗАДИ НИВНИТЕ АКТИВНОСТИ И СООПШТЕНИЈА“, стои во објавата на оригиналното здружение што го организираше протестот.
Ова соопштение на организаторите на протестот е објавено затоа што „не е прв пат да се користат слични методи за дискредитација на граѓански иницијативи и граѓани поединци“, иако би сакале да веруваат дека станува збор за искрена иницијатива како нивната.