На Скопскиот аеродром попладнево пристигнаа македонските државјани кои беа евакуирани од Израел со авион на српската авиокомпанија „Ер Србија“.
Чартер летот Тел Авив-Скопје беше организиран од страна на Владата, заради евакуација на сите македонски државјани кои сакаат да го напуштат Израел.
Како што претходно најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, станува збор за 90 македонски државјани, а претходно се вратија 60.
Од Израел масовно се евакуираат странските државјани, откако викендов Хамас го нападна Израел, влегувајќи од појасот Газа. Израел одговори со силни воздушни напади, а наскоро се очекува и копнена воена операција во Газа.
Хамас секојдневно ракетира градови во Израел, а често цел на нападите е и аеродромот во Тел Авив „Бен Гурион“, од каде што беа и евакуирани денеска македонските граѓани. Најголем дел од странските компании ги откажаа летовите до и од аеродромот во Тел Авив од безбедносни причини.