НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“, СЕ СУДРИЈА СОПСТВЕНИКОТ НА ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ ПОГОН И ГАЗДАТА ДЕЈАН ЈОВАНОВ, ШТО ГО ПРЕНАМЕНИЛ ВО ДИСКОТЕКАТА

    НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“, СЕ СУДРИЈА СОПСТВЕНИКОТ НА ПРОИЗВОДСТВЕНИОТ ПОГОН И ГАЗДАТА ДЕЈАН ЈОВАНОВ, ШТО ГО ПРЕНАМЕНИЛ ВО ДИСКОТЕКАТАНа денешното судење за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ се вкрстени прашања за вештакот Горан Марковски. (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на вкрстените прашања за еден од најважните сведоци, вештакот Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје, адвокатката на обвинетиот сопственик на „Пулс”, Гроздан Милковски, ја градеше одбраната за својот клиент во насока на тоа дека во 2012 година му го дал објектот – производствен погон на првообвинетиот Дејан Јованов законски исправен и безбеден. Потоа Јованов го преправил во дискотека „Пулс” без основни стандарди.

    Таа го праша Марковски дали во 2012 година производниот погон за лесна индустрија бил безбеден од аспект на носивост и од аспект на заштита на пожарот, на што тој одговори потврдно.

    „Ќе се согласите ли со мене дека кога била дадена под закуп во 2012 година била во состојба неопасна за пожар, не била причина за пожарот на 16 март 2025 година и за последиците од него со жртви и повредени?”, го праша таа.

    Деканот Марковски и’ одговори потврдно.

    Потоа го прашуваше конкретно дали закуподавачот бил прашан од закупецот за реновирањето вон стандардите и вградувањето опасни материјали од Јованов кога го пренаменувал објектот во дискотека, на што Марковски кажа: „Не бил прашан”.

    Адвокатот на првообвинетиот Дејан Јованов се почувствува згрозен од овие прашања на колешката, па реагираше.

    Но, следуваше ладен туш за сопственикот на објектот, кога на следно вкрстено прашање на база на досега кажаното во директните прашања, вештакот јасно кажа: „Согласно Законот за градење, барање за пренамена на објект треба да поднесе сопственикот за објектот”. Тоа е нејзиниот клиент Милковски.
    Марковски рече дека не важат меѓусебни усни и писмени договори меѓу закуподавач и закупец, се знае што пропишува Законот за градење.

    Продолжува вкрстеното испрашување на еден од најважните сведоци на обвинението, деканот Марковски.

    За катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 со 63 загинати и над 200 повредени обвинети се 34-ца.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира