Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин рече дека неопходно е инвестирање не само во патната и во енергетската инфраструктура на земјата, туку и во човечката, образовна, социјална и нормативна инфраструктура, соопшти нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова говореше на главниот панел за шефови на држави и влади на кои говореа и домаќините на конференцијата, германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Говор одржа и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен. На главниот панел присуствуваа и претседателите и премиери од Холандија, Норвешка, Финска, Литванија, Молдавија, Естонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија.
Претседателката Сиљановска-Давкова рече дека по Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа, а денес е неопходен нов вид Маршалов план за разрушената Украина. Како што велат од нејзиниот Кабинет, на сесијата позитивно беше оценета постоечката заедничка европска позиција дека треба да продолжи сеопфатната помош за Украина.
Конференцијата е продолжение на серијата годишни настани на високо ниво посветени на брзо закрепнување и долготрајна реконструкција на Украина, по почетокот на руската воена агресија. Клучна цел на настанот е да се обезбеди континуирана меѓународна поддршка за обнова, реконструкција, реформи и модернизација на Украина.