Конкретно, обвинителката Ленче Ристоска на прес-конференцијата го посочи случајот со опструкциите при сослушувањето на сведоци во истрагата за нелегално финансирање на политичка партија, во Охрид, пред околу еден месец.“Началникот на Охридската полиција (н.з. Гоце Недески) и двајца од одредена политичка партија кои беа дел од групата кои протестираа додека ние истражувавме изборни незаконитости во Охрид, побара средба со нас. На таа средба тројцата ни се закануваа. Подоцна за тие закани ние го известивме министерот за внатрешни работи“, рече Ристоска.
Таа кажа дека теренската работа на СЈО тие денови била непријатна.
“СЈО преку МВР достави покани до 185 лица и ние отидовме во Охрид за да не ги малтретираме лицата на дополнителен трошок за да мора да дојдат во Скопје. Но, доставувањето на поканите не одело лесно. Од 185 покани, само 130 биле доставени. Дента кога беше испитувањето, бевме известени дека од одредена партија е организиран протест. Нас не нѐ засега дали некој е член на партија. Двајца претставници од партијата кои го организираа протестот побара средба со нас. На средбата беше и началникот на СВР Охрид. Токму на таа средба ни беа упатени закани. Тие ни покажаа и список. Знаеја кој е повикан за сведок. Ние за сѐ го известивме министерот за внатрешни работи. Најскоро ќе се дознае кој вршел влијание врз сведоци. Од некои медиуми дури беше објавувано и како сведоците да се одбранат од СЈО“, посочи обвинителката Ленче Ристоска.
Додаде дека поради притисоците и влијанијата врз поканетите сведоци, СЈО во Охрид за изборните нерегуларности испрашало само 15 сведоци, но оти од нивните изјави, биле добиени релевантни сознанија.
Таа потсети дека сведок кој нема да дојде, а бил или е уредно поканет од обвинител, според законот, ќе биде казнет.
“За да нема непријатни ситуации дека некој се апси, а тој е сведок, апелираме секој од поканетите да си дојде на поканата“, рече Ристовска.