Само во текот на вчерашниот ден, 506 пациенти добиле терапија за своето хронично заболување од матичниот лекар, за која досега мораа да чекаат и самите да прават гужва во Скопските клиники или во болниците низ државата.
„Процесот на работа со пациентите на кои им се препишува хронична терапија воопшто не е сложен, јасните насоки напишани во клиничките патеки им ја олеснуваат работата на матичните лекари, така што имаме одличен старт на реформата. Во текот на вчерашниот ден, според податоците од Мој Термин, 506 пациенти добиле терапија за своето хронично заболување од матичен лекар. Биле препишани 1073 лекови. Со оваа реформска мерка, со која овозможивме терапијата која ја препишуваа специјалисти, сега да ја препишуваат матичните лекари, направивме суштински промени и унапредувања за пациентите и за здравствените работници“, кажа денеска министерот Фатмир Меџити.
Тој ја посети поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, да види како оди првиот ден од реформата.
Со новата реформска мерка пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија, веќе не мора да одат на Клиника за да им се продолжи или да им се препише хронична терапија. Тоа може да го направат кај својот долгогодишен лекар.
Предностите на оваа мерка се што пациентите не се изложуваат на трошоци, тие терапијата за своето хронично заболување може да ја добијат кај матичниот во местото каде живеат.
„Со оваа реформска мерка се зајакнува улогата и важноста на матичните лекари во здравствениот систем. Со реформите во ПЗЗ се олеснува административниот товар, а исто така се намалува притисокот врз секундарното и терцијарното здравство“, смета министерот.
С. К. ДЕЛЕВСКА