НАД 3.600 ДЕЦА ЗА МЕСЕЦ И ПОЛ СЕ ВАКЦИНИРАА ДОМА ИЛИ ДОБИЈА ТЕРМИН СО КАМПАЊАТА „ОД ВРАТА НА ВРАТА“

    НАД 3.600 ДЕЦА ЗА МЕСЕЦ И ПОЛ СЕ ВАКЦИНИРАА ДОМА ИЛИ ДОБИЈА ТЕРМИН СО КАМПАЊАТА „ОД ВРАТА НА ВРАТА“Во кампањата беа вклучени 30 медицински тимови од здравствените домови. (Фото: Архива на Министерство за здравство)

    Повеќе од 3.600 деца се вакцинирани во нивните домови или им е закажан термин за вакцинација како дел од заедничката кампања „Од врата до врата“ на Министерството за здравство и Светската здравствена организација (СЗО) со поддршка од Европската Унија, која почна на 1 ноември. Министерството за здравство соопшти дека во склоп на кампањата вакцинирани се и 2.630 граѓани над 65-годишна возраст во нивните домови со вакцина против сезонски грип, кои не можеле да пристапат до пунктовите за имунизација. За нив е обезбедена и бивалентна ревакцина за ковид-19.

    Во кампањата беа вклучени 30 медицински тимови од здравствените домови. Вкупно беа посетени 221 рурално место и 79 урбани населени места, односно вкупно 3.867 домови низ државата.

    Здравствените власти постојано апелираат дека е низок опфатот со вакцинација во земјава, односно, препорачаниот опфат над 95 отсто не е постигнат за ниту една вакцина во земјава. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 отсто за сите вакцини – хепатитис Б (ХепБ), Хемофилус инфлуенца тип Б (ХиБ), ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини.

    Од 15 декември почна новата кампања под мотото „Да не си играме со здравјето!“ , на Министерството за здравство и УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД, а ќе се спроведува во следните месеци низ земјата. Станува збор за продолжение на кампањата „Заштитени заедно – вакцините делуваат“ од почетокот на оваа година, во која се вклучија здравствените работници, педијатрите, лекарите од пунктовите за вакцинација и гинеколозите за да зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, како и за придобивките од рутинските вакцини во детството, како најефикасен начин да се заштити здравјето на децата.

    Целта на кампањата е да ги потсети родителите и старателите дека кога се пропушта или одложува вакцинацијата, децата и заедниците се изложени на ризик од болести што може да се спречат со вакцина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира