Во конзорциумот од четири компании што го избра Владата да врши надзор на изградбата на четирите делници од коридорите 8 и 10-д е „Евро консалтинг“ на Бранислав Димитријевиќ, македонскиот државјанин вмешан во голем корупциски скандал во Ерменија, објави БИРН.
Станува збор за делниците: автопат Гостивар – Букојчани, автопат Требениште – Струга – Ќафасан, автопат Прилеп – Битола и трета лента на автопатот Тетово – Гостивар, а треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. За изградбата на овие автопати беше донесен закон во Собранието, не беше спроведен тендер.
Договорот со конзорциумот за надзор, предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“, беше потпишан на 2 февруари годинава од Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта и е во вредност од 22,6 милиони евра.
Покрај “ИРД инженеринг“ и „Евро консалтинг“, во конзорциумот се и „Електра солушн“ и „Ептиса“.
За скандалот во Ерменија во македонската јавност се дозна во септември 2021 година, откако македонскиот дипломат Миле Миленковски беше уапсен на границата меѓу Србија и Македонија по меѓународна потерница од Ерменија и тој помина 5 месеци во притвор. Српските судски власти во меѓувреме ги отфрлија наводите наведени во ерменската потерница и го ослободија Миленкоски од екстрадициски притвор.
Според ерменското обвинителство, Миленкоски и уште неколку други македонски државјани му помогнале на Димитријевиќ да избега од Ерменија со туѓ пасош. Димитријевиќ имаше забрана за излез од Ерменија.
Во Ерменија, Димитријевиќ е под истрага дека е вмешан во корупција околу изградба на коридорот Север-Југ. Тој се гони за кривично дело измама од голем обем во улога на тим лидер на француското заедничко вложување „Савеж-Ептиса“.