НАФТА ИМА, НЕМА ДА ИМ ДОЗВОЛИМЕ ВОЕНО ПРОФИТЕРСТВО НА БЕНЗИНСКИТЕ ПУМПИ, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИ ОД РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА

    НАФТА ИМА, НЕМА ДА ИМ ДОЗВОЛИМЕ ВОЕНО ПРОФИТЕРСТВО НА БЕНЗИНСКИТЕ ПУМПИ, ВЕЛИ БИСЛИМОСКИ ОД РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈАДиректорот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вели дека граѓаните не треба да се грижат, нафта во државата има и нема да дозволат воено профитерство. (Фото: СДК.МК)

    Дел од бензинските пумпи во земјава не точат гориво или ја ограничуваат количината на бензин која може да ја добијат граѓаните за возилата. Поради очекуваното зголемување на цената на нафтените деривати поради војната во Украина, бензинските сакаат веќе набавената нафта да ја продаваат по повисоки цени, па затоа не точат гориво.

    Директорот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вели дека граѓаните не треба да се грижат, нафта во државата има и нема да дозволат воено профитерство.

    „Нафтени деривати има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, но дел од нив ја користат состојбата и за ‘воено- профитерство’. Дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата и ја користат состојбата за профитерство оставајќи впечаток дека нема гориво. Во текот на денешниот ден, добивме укажувања од поголем број на потрошувачи кои посочуваат дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите. Некои бензиски пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво. Други пак не дозволуваат гориво да наполнат камионите“, вели Бислимоски.

    За состојбата, РКЕ го извести Државниот пазарен инспекторат веднаш да ги засили контролите на терен кај трговците и да се оневозможи вакво непазарно однесување кое е недозволиво и забрането.

    „Вештачки се нарушува пазарот и се прекршуваат основните принципи за сигурност во снабдувањето со енергија“, Бислимоски.

    Дописниците на САКАМДАКАЖАМ.МК јавуваат дека колоните ги предизвикуваат малите бензински пумпи кои ограничуваат точење, па возачите во паника одат на пумпите на големите дистрибутери кои точат гориво без ограничување.

    Малите бензински пумпи не подлежат на лиценцирање од Регулаторната комисија, па тоа некои од нив го злоупотребуваат.  Инаку, би можело да им биде одземена лиценцата и да го изгубат бизнисот поради военото шпекулантство со количините и цените.

    Дописникот од Штип јавува дека на трите пумпи на излезот од градот и во приградските населби се создале стотина метри редици на автомобили кои чекаат и по половина час да наполнат гориво. Најбројни се такси возилата. Продавачите на бензинските пумпи си ја вршат работата и велат дека ќе точат гориво додека има, а им било најавено дека ќе добијат и нови количини. Велат дека нема ограничување на количината за едно возило.

    И во другите градови низ државата се забележуваат редици пред бензинските пумпи, иако продавачите се чудат зошто е така бидејќи гориво има доволно, а најавени им се и редовни испораки.

    Помали колони возила се забележуваат и на пумпите на големите дистрибутери во Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира