Судскиот процес за „Титаник 2“ на СЈО привршува и завршните зборови на специјалните обвинители Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски денеска судијата Огнен Ставрев ги закажа за 8 и 15 февруари. По завршните зборови следува изрекување на пресудата, кое може да се случи по само неколку дена од завршните, или за период не подолг од две недели.
На денешното рочиште од куќен притвор беше спроведен обвинетиот Сашо Мијалков, кој е лишен од слобода за случајот „Империја“.
Според обвинението за „Титаник 2“, на повик т. е. барање на Мијалков, Тачи му наложува на тогашниот член на Државната изборна комисија (во 2013 година) Ибраими да гласа за поништување на чисто гласање на избирачко место во Струмица, каде победил кандидатот за градоначалник Зоран Заев. Бедредин Ибраими од ДПА го менува своето мислење и заедно со обвинетите Сашо Срцев, Анета Стефановска и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, ги надгласуваат колегите од СДСМ и ДУИ и гласањето се повторува.
Казните за злоупотреба на службената положба и овластувањата што им се закануваат на обвинетите се затворски.
С. К. ДЕЛЕВСКА