НАЈГОЛЕМАТА СУДНИЦА ВО КРИВИЧНИОТ СУД Е БЕЗ ВОЗДУХ ОТИ КЛИМАТА Е РАСИПАНА

    НАЈГОЛЕМАТА СУДНИЦА ВО КРИВИЧНИОТ СУД Е БЕЗ ВОЗДУХ ОТИ КЛИМАТА Е РАСИПАНАОдбраната на обвинетите за претепувањето на Зијадин Села во судница (Фото: СДК.МК)

    Најголемата судница во Основниот суд Скопје 1, која и денеска остана без воздух поради неисправниот систем за вентилација, наликуваше на мачилиште како за судијката Славица Андреевска и притворените 10-мина за обидот за убиство на Зијадин Села, така и за останатите странки во постапката, бројните присутни новинари, роднини и полицајци. Среде судење се онесвести обвинетиот Александар Јаневски – Тошта, кој итно е пренесен  на Клиниката за кардиологија.

    Во судницата на најважниот суд, каде е одделот за борба против организиран криминал, на влезот има бара вода на подигнатиот и лизгав ламинат по кој мора да се гази за да се влезе, а на средина на вирот пластична кофа. Овојпат водата од таванот не капеше, туку течеше во кофата. Водата тече од веќе подолго време расипаниот клима-уред. Поради зголемување на млазот вода, судската полиција мораше да ја исклучи климата.

    За минута-две снема воздух во просторијата со многу луѓе. Судијката беше облечена во волнена тога, адвокатот на оштетениот Села во костум, сите останати адвокати и обвинителот исто така во костуми, полицајците униформирани.

    Судењето се одвива во старата зграда на Судот. Новата зграда има систем за климатизација, ама никогаш не е пуштен, зашто само главната судница е пуштена во употреба.

    Судијката рече дека најважно од сè е обвинетиот да биде добар. Обвинителот Дарко Јакимовски предложи укинување на притворот на Цејо Ѓорѓиевски и Стојан Павлески со мерки за безбедност.

    Судењето продолжува на 11 јуни.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари