Со бомбите од прислушуваните разговори за кои Скопска апелација на осми август годинава пресече дека важат како доказ, денеска во Основниот суд Скопје 1 треба да продолжи судскиот процес против поранешниот премиер Никола Груевски и останатите 13-темина обвинети за нарачувањето шамари во општина Центар.
Неизвесно е дали Груевски ќе се појави во судот. САКАМДАКАЖАМ.МК дознава од извори во воздухопловните власти дека за денеска во 11 часот претпладне е најавено слетување на Охридскиот аеродром на приватен авион со кој треба да долета Виктор Орбан. Тој во Македонија доаѓа на приватна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како лидер на сестринската кoнзервативна партија од Унгарија Фидес.
Груевски, кој остана без патни исправи во јули како обвинет во случајот на СЈО „Титаник“, бараше од Основниот суд Скопје 1 да му се врати пасошот и во барањето навел дека пасошот му треба за службени патувања, надвор од земјата. Судот вчера го одби барањето на Груевски за укинување на мерките на претпазливост, вклучувајќи ги и одземените патни исправи, со образложение дека е неосновано.
Во ВМРО-ДПМНЕ синоќа неофицијално ја потврдија посетата на Орбан, без да соопштат детали за неа. Оставија мала резерва, бидејќи унгарскиот премиер до вчера беше на турнеја во југоисточна Азија, а утре треба да оди и на собир на лидерите на Европската унија во Естонија.
Во прислушуваниот разговор кој ќе се третира како доказен материјал се слуша како експремиерот Никола Груевски го нарачува насилството во општина Центар во 2013 година, но и како нарачува да се најде некој од насилниците да влезе и да му врзе три-четири јаки шамари на градоначалникот на општината Андреј Жерновски,
Судијката на овој предмет е Татјана Михајлова, која и по повеќе од една година ја нема почнато главната расправа за нарачаните насилства во општина Центар и за нарачаните шамари од тогашниот премиер Груевски, иако се работи за обвинителен предлог, каде по закон, постапката мора да се заврши брзо и економично.
Второобвинет е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, потоа пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, како и советници во општина Центар, кои според обвинението на Специјалното јавно обвинителство, логистички ги помогнале насилствата.
Бомбите како доказ ги предложи специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, но судијката Татјана Михајлова не ги прифати. Сепак, Апелација одлучи спротивно, со што „шамарите во Центар“ станаа првиот случај на СЈО каде што повисок суд ги прогласи нелегално прислушуваните материјали за докази.
Извадок од разговорот меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески во бомбата за насилствата во Општина Центар, објавена од тогашната опозиција на 19 април 2015 година:
НГ: Подготви ги Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме.
МЈ: Добро, ги имам материјалите…
НГ: У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само.
С. К. ДЕЛЕВСКА