НАПАД ВРЗ ЛЕКАР ЌЕ СЕ СМЕТА КАКО НАПАД ВРЗ СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ, ПРЕДВИДЕНО СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЛЕКАРСКА ДЕЈНОСТ

    НАПАД ВРЗ ЛЕКАР ЌЕ СЕ СМЕТА КАКО НАПАД ВРЗ СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ, ПРЕДВИДЕНО СО НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЛЕКАРСКА ДЕЈНОСТЛекарот може да одбие да укаже медицинска помош ако пациентот или членови на негово семејство се закануваат или агресивно се однесуваат кон него и другите здравствени работници. (Фото: СДК.МК)

    Лекарите при вршење здравствена дејност и давање здравствени услуги стануваат службени лица, кои вршат службена дејност и секој напад врз нив додека ги извршуваат работните задачи ќе се смета како напад врз службено лице. Ова е предвидено со нацрт законот за лекарска дејност, кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).

    Овој нацрт закон го подготви Министерството за здравство, а во образложението за носење ваков закон стои дека Лекарската комора во повеќе наврати барала лекарската дејност да се уреди со посебен закон.

    Лекарот според овој нацрт закон во итни случаи е должен да укаже помош на секој пациент без одлагање, а другите чекаат според листата на чекање. Лекар може да одбие да укаже лекарска помош на лице кое се заканува или физички агресивно се однесува кон него и другите здравствени работници или тоа го прават членови на неговото семејство. Исклучок од ова правило е само ако станува збор за итни случаи. Доколку на лекарот во вакви случаи му е обезбедена заштита од полиција или друг вид на заштита должен е да укаже медицинска помош.

    Лекарот според нацрт законот се должни да ја почитуваат честа достоинството и угледот на друг лекар, доколку некој колега му побара стручен совет треба да му го даде несебични и најдобро што знае, не смее да придобива пациенти на свои колеги, а може да преземе грижа за пациентот на барање на друг лекар или на пациентот.

    Со нацрт законот е предвидено лекарот да се грижи за професионалната репутација и да не дозволи неговото име да се поврзе со комерцијални активности за негова лична корист. Лекарот да избегнува ширење на углед со саморекламирање и со самопромоција и неточни информации за себе и други лекари и медицински установи во медиумите.

    Лекарот не смее да соработува со поединци, институции или компании, кои ја злоупотребуваат довербата на јавноста, застапувајќи непроверени работи и постапки за лекување, чување и промоција на здравјето.

    Лиценците за вршење лекарска дејност ги издава Лекарската комора, која води регистар и е регистрирана во Централниот регистар како правно лице. Лекарите за да полагаат стручен испит спроведуваат пробна работа, оние со завршени пет години студии пробната работа им трае една година, а на оние со шестгодишни студии пробната работа им трае шест месеци. Лекарите специјалисти имаат право на дополнителна дејност согласно прописите за здравствена заштита. Лекарската комора ги одредува цените на лекарските услуги заради заштита од нелојална конкуренција.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира