НАПАДИТЕ ВРЗ ЛГБТИ ЛУЃЕТО ЗАГЛАВЕНИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВО

    НАПАДИТЕ ВРЗ ЛГБТИ ЛУЃЕТО ЗАГЛАВЕНИ ВО ОБВИНИТЕЛСТВОВо Коалиција Маргини заклучно со ноември 2018 се документирани 69 случаи во кои има различни облици на насилство врз ЛГБТИ луѓето, рече Драгана Дрндаревска, правна советничка од Коалиција Маргини, при лансирањето на националната кампања „Не суди кој кого љуби“ (Фото: ХЕРА)

    Намалување на предрасудите кон ЛГБТИ луѓето и елиминација на насилството поради сексуална и родова ориентација е целта на националната кампања „Не суди кој кого љуби“, која почна денес, а ја поддржаа пратеници од различни политички партии, како и членовите на интерпартиската парламентарна група за унапредување на ЛГБТИ правата.

    Според здруженијата за заштита на правата на ЛГБТИ луѓето во Македонија сѐ уште се негува култура на неказнивост на сторителите на насилство и сѐ уште има дискриминација од институциите за да може да се пружи соодветна заштита на овие луѓе. Тие велат дека нападите врз ЛГБТИ луѓето што се случија во претходните години сѐ уште се заглавени во Јавното обвинителство, а насилниците остануваат неказнети.

    „Во Коалиција Маргини заклучно со ноември 2018 се документирани 69 случаи во кои има различни облици на насилство врз ЛГБТИ луѓето. Во четири случаи самите полициски службеници се сторители на вербално насилство. Непрофесионалниот третман од страна на полициските службеници, демотивирањето на жртвите да пријават случаи, непочитувањето на приватноста, исмевањето и виктимизацијата, со која се соочуваат ЛГБТИ луѓето во полициските станици се проблем кој Министерството за внатрешни работи треба да го решава, меѓу другото, и со казнување на непрофесионалниот третман“, рече Драгана Дрндаревска, правна советничка од Коалиција Маргини.

    Пратеничката Маја Морачанин од ДОМ, координаторка на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, рече дека приоритет на оваа парламентарна група, која брои 14 пратеници и пратенички од различни партии е подобрување на законските решенија и нивна успешна имплементација.

    „Работата на оваа неформална парламентарна група, засега единствена во поширокиот регион и нејзиното формирање беше истакнато во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија. Една од главните цели на групата е борба против предрасудите, говорот на омраза, дискриминацијата и насилството, па затоа и се вклучивме како пратеници во оваа кампања“, рече Морачанин.

    Павле Богоевски, независен пратеник и заменик координатор на групата вели дека во моментот има политичка волја за внесување на сексуалната ориентацијата и родовиот идентитет во системот за заштита од дискриминација, иако сé уште постојат бројни пречки поради кои законот веќе пет месеци е заглавен во законодавниот дом.

    Кампањата ја спроведува ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Коалицијата Маргини и ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права, со поддршка на Интерпартиската парламентарна група, во рамки на проектот „Собранието и локалните самоуправи во унапредувањето на правата на ЛГБТ“, кој е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира