НАПУШТЕНИТЕ ДЕЦА ДО ТРИГОДИШНА ВОЗРАСТ ДА НЕ РАСТАТ ВО ДОМОВИ, ТУКУ ВО СЕМЕЈСТВА

    НАПУШТЕНИТЕ ДЕЦА ДО ТРИГОДИШНА ВОЗРАСТ ДА НЕ РАСТАТ ВО ДОМОВИ, ТУКУ ВО СЕМЕЈСТВАПодобрување на здравствениот и социјалниот систем, зголемување на бројот на посвојувања и згрижувачки семејства и создавање мали домови, се трите основни работи што треба да се направат, кажа Бенџамин Перкс, претставник на Уницеф во земјава.

    Околу 250 деца, од кои 70 се помлади од три години не живеат во семејна средина, покажуваат податоците на УНИЦЕФ. Ова беше кажано на конференцијата ,,За секое дете, семејство”, која е посветена на заложбата на Владата до 2020 година да стави крај на сместувањето на деца под 3-годишна возраст во големи институции.

    „Треба да направиме три итни работи. Прво треба да работиме со здравствениот систем и со системот на социјални услуги, за да го спречиме напуштањето на децата на самиот почеток. Второ треба да го подобриме и да го прошириме сместувањето во згрижувачки семејства и посвојувањето. Трето, за децата кои не можат да останат во своето биолошко семејство, треба да воспоставиме мали групни домови во кои колку што е можно повеќе ќе се реплицира семеен начин на живеење“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјава.

    Самуел Жбогар, шеф на Делегацијата на Европската унија, рече дека сместување на дете во институција има непосредно и штетно влијание врз неговиот развој.
    „Европските насоки за транзиција од институција кон грижа на ниво на заедницата нагласува дека кога станува збор за многу мали деца, дури и краткотрајното сместување во институција може негативно да влијае врз развојот на мозокот и да има последици врз емотивната благосостојба за цел живот“, рече Жбогар.​

    Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска институциите не го даваат ефектот на развој и грижа за децата.
    „Ќе останеме посветени на оваа реформа и ќе создадеме услови деца до три годишна возраст до 2020 година повеќе да не се сместуваат во институции. Секое дете е важно и секое дете треба да расте со топлина, љубов и грижа од друго човечко суштество”, рече Царовска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира