НАРЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ОТВОРАТ ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ НА КАФУЛИЊАТА, ПРАВИМЕ ПЛАН КАКО ГРАДИНКИТЕ ДА ПОЧНАТ СО РАБОТА, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    НАРЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ОТВОРАТ ЛЕТНИТЕ ТЕРАСИ НА КАФУЛИЊАТА, ПРАВИМЕ ПЛАН КАКО ГРАДИНКИТЕ ДА ПОЧНАТ СО РАБОТА, КАЖА ФИЛИПЧЕРестораните и кафулињата ќе почнат да работат на отворено, најави министерот Филипче; - Рестораните и кафулињата се затворени од 14 март со одлука на Владата како превенција од ширењето на коронавирусот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Комисијата за заразни болести ги привршува протоколите за постепено враќање во нормална функција за клиниките, за враќање на работа на јавната админиситрација, за отворање на градинките како и на економските оператори и субјекти, до крајот на неделава треба да бидат готови, а веќе од следната недела и да почнат да функционираат, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата во Владата.

    „Нема сите веднаш да се вратат на работа. Први ќе се вратат оние коие ќе може да овозможат шалтерски систем, а потоа и оние кои ќе може да работат на отворено. Рестораните и кафулињата ќе почнат да работат на отворено. Во однос на отворањето на градинките, сѐ уште траат консултациите на експертската група и се подготвува посебен протокол, со оглед на тоа дека децата може да бидат трансимисија на коронавирусот. Тие ќе мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа“, додаде тој. Протоколите се однесуваат и на автошколите, сите едукативни центри и библиотеките.

    Филипче кажа дека утре ќе имаат состанок со директорите на клиниките, и ќе се разговара да почнат со нормална работа, со неколку измени , како на пример е-амбуланта и промена на закажување на Мој термин, со цел да се избегнат гужвите.

    Министерот кажа дека од 235 заболени здравствени работници во земјава, 184 се оздравени и голем дел се веќе вратени на своите работни места, што овозможило целосно ставање во функција на некои институции како Детската клиника, Болницата во Куманово и Институтот за рехабилитација во Козле. Во Болницата во Куманово, од 70 заболени медицински лица, 50 се вратени на работа и болницата функционира нормално.

    Во Дебар е направен скрининг со 2.300 тестови, а кај 35 биле детектирани антитела, еден дел биле заболени, друг дел по случаен избор.

    „Скринингот покажа дека имаме многу мал број на граѓани кои имаат имунитет, и со тоа се потврди нашата стратегија да не се прави скрининг во оваа фаза со оглед на тоа дека немаше да нѐ донесе до посебен заклучок“, кажа министерот.

    До крајот на неделата ќе биде отворена нова улица за влез во Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, помеѓу Хирургија и Стоматолошката клиника, а после 50 години, како што рече Филипче, се отвора нов влез кој ќе води директно на Ургентниот центар, како и влез и излез до Инфективната клиника.

    Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје подготвуваат план за скриниг на лица за кои се смета дека се во критични категории.

    „Сега е одлично време кога можеме да ја надградиме стратегијата за тестирања. Мерките може постепено да се олабавуваат, затоа што со носењето на заштитна маска, може да се намали трансмисијата, дури и кај асимптоматските случаи“, додаде тој.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира