Силно осудувајќи ја воената агресија на Русија врз Украина, премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање кажа дека безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, во овој момент не постои никаква директна закана за неа, но има закана за економијата.
„Граѓаните треба да се спокојни, бидејќи како членка на НАТО, ние можеме да ја уживаме и да сметаме на заштитата која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот. Затоа, ве уверувам дека нашата состојба е безбедна“, рече Ковачевски.
Предизвиците доаѓаат на економски план.
„Поради воената агресија на Русија врз Украина, глобалната економска и енергетска криза сега се продлабочува. Нè очекува неизвесна година, каде економијата во Европа и во светот ќе претрпат штети. Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во европските и светските економски текови и како и досега, ќе делува одговорно и во најдобар интерес на заштитата на интересите на граѓаните. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите, финансиски ги поддржуваме компаниите“, рече тој.
Глобалните пазари се најпогодени од руско-украинската војна, а нашата изложеност кон овие две економии е мала, продолжи Ковачевски.
„Нема присуство во финансискиот сектор, а странските инвестиции се под 1 процент од вкупните вредности. Очекуваното глобално влијание врз покачувањето на цените на основните прехранбени производи и енергенсите, што би значело продлабочување на постоечката енергетска криза, е нешто за кое ние како Влада сме апсолутно подготвени и ќе одговориме соодветно. Секојдневно ја следиме ситуацијата со снабдувањето со струјата, гасот и енергетиката во економијата, како во земјата, така и во регионот“, вели премиерот упатувајќи апел:
„Сите институции од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат, со цел амортизирање на негативните последици од кризата“.
С. К. ДЕЛЕВСКА