НАШИТЕ БАБИ И ДЕДОВЦИ БИЛЕ ПАМЕТНИ И ЗА ЗДРАВСТВЕНА МАКА ПРАШУВАЛЕ ДОКТОР, ЗА СРЕЌА НЕМАЛЕ СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ – ПОДКАСТ СО Д-Р ГРОЗДАНОВА

    НАШИТЕ БАБИ И ДЕДОВЦИ БИЛЕ ПАМЕТНИ И ЗА ЗДРАВСТВЕНА МАКА ПРАШУВАЛЕ ДОКТОР, ЗА СРЕЌА НЕМАЛЕ СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ – ПОДКАСТ СО Д-Р ГРОЗДАНОВА„Родителите треба да знаат дека за здравје, поготово за вака деликатни теми како вакцини не се едуцирате од Фејсбук, од Инстаграм, од ТикТок“, вели проф. д-р Грозданова. (Фото: СДК.МК)

    Младите родители ја добиваат здравствената едукација на погрешно место, социјалните медиуми си го направија своето, вели проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Националниот комитет за имунизација, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Во Скопје е прогласена епидемија на голема кашлица, а Македонија се соочува со ниска стапка на опфат на вакцинација. Последните податоци за опфат со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4 и 6 месеци и ревакцина на 18 месеци и 7 години, се дека се вакцинирани 83,9 од децата, а треба да биде над 95 отсто.

    „Разговараме за болести кои нашите баби и дедовци ги имале и кои ние не ги гледаме долги години и децении. Болестите не ги гледаме благодарение на вакцинацијата. И тоа треба да го знаат луѓето. Вие денес имате мајка што е родена 2000, има 24 години и таа откако знае за себе е изложена на социјалните медиуми, тие се поприсутни и подоминантни. Родителите имаат право да постават прашање, да бидат загрижени, тоа е одговорноста на родителот. Но, треба да знаат дека за здравје, поготово за вака деликатни теми не се едуцирате од Фејсбук, од Инстаграм, од ТикТок. Излегува дека нашите родители, нашите баби и дедовци на некој начин биле попаметни, па за сѐ нешто доктор прашувале. Кога имате здравствена мака, доктор прашувате“, вели проф. д-р Грозданова.

    Професорката вели дека и самата како родител, сочувствува со родителите и ја разбира нивната загриженост, и смета дека треба да се разговара со родителите и во градинките и во училиштата, и да ги слушнат нивните прашања и грижи.

    „Треба многу да се работа на здравствената едукација“, додава таа.

    Подкастот со д-р Александра Грозданова можете да го видите тука:

    Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) стои дека здравствените власти во системот на невакцинирани деца во Скопје, успеале да лоцираат дека 4.991 дете од општините Гази Баба и Чаир ја пропуштиле вакцинацијата, а од нив се вакцинирани само 20 отсто, односни 982 деца.

    Извештајот го опфаќа бројот на вакцинирани лица од 18 јануари до 14 февруари, а од ИЈЗ велат дека е изработен согласно податоци доставени од Здравствен дом Скопје, од Службите за вакцинација од Гази Баба и Чаир, а службите за вакцинација од Карпош, Кисела Вода и Центар до затворање на информацијата не доставиле податоци. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (392; 40%).

    Од 18 јануари до 14 февруари, согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4.036 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (2.762; 68%) од вакцинираните деца примиле прва, втора или трета доза на примовакцинација.

    Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (И,ИИ,ИИИ доза) или ревакцинација (И,ИИ ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01-14.02.2024 ( без Карпош, Кисела Вода и Центар) изнесува 5.018.

    Извештајот наведува и дека во Македонија, без Скопје, од досега собраните податоци од Центрите за јавно здравје пронајдени се 4.197 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 984 (23%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (439; 45%). Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4.679 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (1.591; 34%) од вакцинираните примиле втора ревакцина на школска возраст.

    Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (И, ИИ, ИИИ доза) или ревакцинација (И, ИИ ревакцина) во периодот од 18.01-14.02.2024 изнесува 5.663.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира