Првите деветмина насилници од Собранието на 27 април, за кои е завршена истрагата, денеска ќе седнат на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1. Обвинети се само за учество во толпа, и покрај тоа што по насилниот упад во Собранието, беа повредени над стотина пратеници, полицајци, новинари и граѓани, а собраниската зграда одвнатре ја демолираа.
Судењето почнува во 9.30 часот, а во девет часот доаѓаат пред судот т.н.тврдокорни, за како што стои во нивниот повик, да ги поддржат „браќата кои застанаа во одбрана на честа и достоинството на татковината“.
Неколку часа по давањето на мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев за формирање нова влада, претседателот Ѓорге Иванов во телевизиско интервју предложи амнестија за насилниците за и онака благите кривични дела за кои ги обвини обвинителството на Марко Зврлевски. Иванов не спомна за тешките повреди и психички трауми што ги предизвикаа насилниците кај пратениците, новинарите и собраниското обезбедување, не спомна ни збор дека организирано, со помош на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ беа пуштени во Собранието и однесени точно каде треба да кршат и маваат, туку рече дека нивните дела повеќе биле израз на емоции.
„Ако имаат доблест новите пратеници во новиот состав на Собранието, ако сакаат да влијаат на смирување на општеството и да покажат акт на добра волја и на помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестираше воени злосторници. Ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпа или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции“, рече претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.
Иванов не спомна ни дека амнестијата на, како што тој вели, воените злосторници ја поттикна ВМРО-ДПМНЕ, која беше на чело на тогашното парламентарно мнозинство, заедно со ДУИ, против чие раководство се поведоа постапки во Судот во Хаг, а потоа и пред домашните судови.
Иванов испушти во предлогот за амнестирање на учесници во толпа, да ги спомене Павле Богоевски, Мариглен Демири и останатите учесници во Шарената револуција, кои исто така се обвинети за учество во толпа, не повредија никого, ничија глава не раскрварија, а против нив се водат интензивни судски процеси за прскање со боја.
Судски процес се води и против Здравко Савески и Владимир Куновски како учесници во демолирањето на канцеларијата на Иванов на „Рекорд“ во центарот на Скопје.Таму штетата била проценета на осум илјади евра. Кршењето на стаклата на канцеларијата поради револт од амнестирањето на раководството на ВМРО-ДПМНЕ Иванов не го смета за излив на емоции, за разлика од упадот и кршењето во Собранието, кое е дом на демократијата и објект од највисоко значење за Република Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА