Основниот суд во Тетово соопшти дека предметот за пожарот во модуларната болница во Тетово е распределен кај судија и се очекува наскоро, откако ќе биде разгледан обвинителниот предлог, да се закаже главната расправа. Предметот е распределен според АКМИС системот за автоматско распоредување на судските предмети. Обвинети во предметот се поранешниот в.д. директор на Тетовската болница Флорин Бесими, поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми, и доктор од болницата. Двајцата директори поднесоа оставки два дена по пожарот.
„Предметот поврзан со модуларната болница во Тетово по поднесен обвинителен предлог од страна на ОЈО Тетово со бр. КО 531/22 со кој се обвинети Ф.Б и А.Е за кривично дело тешки дела против општата сигурност и Б. В за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правно лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија е распределен кај судија од кривичниот оддел со предмет К бр. 450/22. По прием и разгледување на обвинителниот предлог ќе биде закажана главната расправа“ соопштуваат од Основниот суд Тетово.
Пожарот во модуларната ковид болница која се наоѓаше во кругот на Клиничката болница во Тетово се случи на 8 септември минатата година. Во огнената стихија која за неколку минути до темел го изгоре објектот, животот го загубија 14 лица а повеќе беа тешко повредени. По повеќемесечна истрага, во која беа вклучени и форензичари од Германија, Основното јавно обвинителство од Тетово на 27 јули до надлежниот Суд поднесе обвинителен предлог против три физички и едно правно лице.
М. ИЛИОСКИ