Наставата за учениците од четврто до деветто одделение, односно од прва до четврта година средно во новата учебна година ќе стартува на неодреден датум во септември, онлајн, од дома, одлучи Владата на денешната седница, по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести и од Министерството за здравство.
„И покрај тоа што крајна цел на Владата беше учениците да се вратат во училишните клупи, мора да бидеме максимално свесни и внимателни да се намали ризикот од ширење на вирусот и да се зачува здравјето на населението. Се може да се над, но не и здравјето. Наша препорака е училиштата да почнат настава онлајн со два исклучока. Децата од прво до трето одделение, кај што е инциденцата најмала, бидејќи 3 до 4 проценти од нив се заразуваат со коронавирус и главно се асимптоматични, ќе може да посетуваат настава со физичко присуство. Секако може и онлајн да ја следат, ќе има можност за избор на родителот. Има семејства со хронично болни родители, деца на оваа возраст кои се чувани од повозрасни лица, од баби и дедовци кои се ризична група. Оттаму родителите ќе имаат избор дали децата од прво до трето одделение ќе одат на училиште, или ќе следат онлајн настава од дома“, рече на денешниот прес министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче додаде дека на барање на основачите на училиштата, општините, таму кај што има мал број ученици, наставата ќе може да се организира со целосно физичко присуство на учениците на настава.
„Децата нема да бидат повеќе од 20 во паралелка, ќе треба да седат на 1,5 растојание, маски ќе носат и ќе мора да има 10 минути разлика меѓу почетокот на часовите на различни групи, различни одделенија за да не се разминат физички воопшто“, рече тој.
Министерот за образование Арбор Адеми кажа дека по препорака на Комисијата за заразни болести, ставот е новата учебна година да почне преку средства за електронска комуникација, но двонасочна комуникација. Не како првиот пат, еднонасочно, како што беше во второто полугодие кога пандемијата ги затекна образовните власти и наставниот кадар неподготвени.
„За децата од прво до трето одделение кажа министерот за здравство. Планот и протоколите ќе бидат разгледани од Владата и ќе бидат доставени до сите основни и средни училишта. Профункционира страната ЕДУИНО.гов.мк, се снимааат лекции и предавања, теми и наставни програми од наставници за првото тромесечие или првото полугодие од новата учебна година. Се работи на една и единствена национална програма. Ќе се обезбедат ИТ-уреди за секоја училница и за секое дете кое потекнува од социјално загрозено семејство“, рече Адеми.
Ставот на МОН беше да се организира настава со физичко присуство, но сепак треба да се испочитува доследно мислењето на здравствените власти, кажа тој.
С. К. ДЕЛЕВСКА