НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ ДЕЖУРААТ И ВО ШКОЛСКИТЕ ДВОРОВИ, НО И РОДИТЕЛИТЕ ДА ПРИФАЌААТ СУГЕСТИИ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА ПО СЛУЧАИТЕ НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО

    НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ ДЕЖУРААТ И ВО ШКОЛСКИТЕ ДВОРОВИ, НО И РОДИТЕЛИТЕ ДА ПРИФАЌААТ СУГЕСТИИ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА ПО СЛУЧАИТЕ НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВОМинистерката Јаневска апелираше до родителите малку повеќе внимание и прифаќање на сугестиите од наставниците. (Фото: МОН)

    Министерството за образование и наука (МОН) испрати допис до сите училишта и општини со кој се задолжуваат повторно да се воведе праксата која постоеше во минатото, за време на големите и малите одмори да има дежурни наставници, наместо дежурни ученици. Министерката Весна Јаневска денеска кажа дека ќе бидат задолжителни дежурствата на наставниците во училиштето, како во ходниците, така и во училишниот двор.​

    „Факт е дека тоа во некои училишта постои, но во огромен број не постои. Во разговор со градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, разбрав дека плаќа шест милиони денари за обезбедување. Во едно минато време наставниците го правеа тоа и имаше подобро воспитување на децата. ​Тие што се вклучени во образовниот процес, наставниците, стручната служба, но и родителите, треба да помогнат во воспитувањето на децата, а добро воспитани деца обезбедуваат и добри, безбедни училишта. ​Ја зајакнуваме улогата на наставникот на секој можен начин, бидејќи тие се клучот како во образованието, така и во воспитувањето“, кажа Јаневска.

    Министерката апелираше до родителите малку повеќе внимание и прифаќање на сугестиите од наставниците.

    „Дел од родителите несвесно или свесно не ги прифаќаат сугестиите на наставниците. Се докажува дека е погрешно. Малку повеќе почит кон наставниците и полека ќе се средат работите“, додаде таа.

    Министерството за внатрешни работи соопшти дека Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров до ОЈО Скопје поднесе шест кривични пријави по член 201, став 1 од КЗ (запуштање и малтретирање дете) против десет лица поради тоа што малолетните деца на пријавените лица извршиле физички напад врз 13-годишна малолетничка во Ѓорче Петров. Во врска со овој случај, на 29.04.2026 ЕВР Ѓорче Петров до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава и против четири малолетнички.

    УНИЦЕФ  вчера објави дека според нивната анализа, булингот од соученици е меѓу најчестите форми на врсничко насилство: 23 отсто од младите на возраст од 13 до 15 години во Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира