23 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ОД 13 ДО 15 ГОДИНИ БИЛЕ ЖРТВИ НА БУЛИНГ НАЈМАЛКУ ЕДНАШ ГОДИНАВА, ВЕЛИ УНИЦЕФ

    23 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ ОД 13 ДО 15 ГОДИНИ БИЛЕ ЖРТВИ НА БУЛИНГ НАЈМАЛКУ ЕДНАШ ГОДИНАВА, ВЕЛИ УНИЦЕФСпоред анализата на УНИЦЕФ, булингот од соученици е меѓу најчестите форми на врсничко насилство. (Фото: К. Попов)

    Повеќе од 2 од 3 деца на возраст од 1 до 14 години во Македонија доживуваат насилна дисциплина во домот, што вклучува психолошка агресија и/или физичко казнување, покажуваат новите податоци на УНИЦЕФ.

    Според нивната анализа, булингот од соученици е меѓу најчестите форми на врсничко насилство: 23 отсто од младите на возраст од 13 до 15 години во Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци.

    „Во изминатите денови, Македонија е преплавена со наслови и интензивна јавна дебата за насилството што ги погодува децата и адолесцентите. Многу луѓе чувствуваат шок, гнев, страв и длабока тага и овие реакции се разбирливи. Но, револтот што згаснува во тишина не менува ништо. Она што ѝ е потребно на земјата во овој момент е заедничка одлука повеќе да не се толерираат условите што дозволуваат насилството да опстојува. Ако сакаме загриженоста да ја претвориме во заштита, мора да реагираме на начин што ги почитува правата на децата, го штити нивното достоинство и ги зајакнува решенијата“, велат од УНИЦЕФ.

    Неодамнешниот извештај на Народниот правобранител укажува на стотици евидентирани деца-жртви на сексуално насилство, претежно девојчиња, но и момчиња, во изминатите години и посочува на слабости во системот.

    Од УНИЦЕФ апелираат дека треба за се зајакнат законите и да се обезбеди тие навистина да функционираат за децата, да се поддржат родителите и старателите, да има обуки во школите за да се формира кадар што може навремено да ги препознае предупредувачките знаци, како и да се третира онлајн безбедноста како суштинско прашање за заштита на децата.

    „Децата имаат право на безбеден онлајн свет, што вклучува подобри механизми за пријавување и отстранување штетна содржина, како и посилна координација помеѓу технолошките компании и националните институции за заштита на децата. Да ги прекинеме циклусите на насилство. Децата што повредуваат други често и самите биле изложени на насилство, занемарување, груба дисциплина или исклученост. Ресторативните пристапи, поддршката за ментално здравје и социјалните услуги, заедно со мерките за одговорност, се клучни за прекинување на меѓугенерациското пренесување на насилството“, велат од УНИЦЕФ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира