НАТАША ГАБЕР-ДАМЈАНОВСКА РЕИЗБРАНА ЗА ДИРЕКТОРКА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ СО 8 ГЛАСА „ЗА“ И НИЕДЕН „ПРОТИВ“, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА „ВОЗДРЖАНО“

    НАТАША ГАБЕР-ДАМЈАНОВСКА РЕИЗБРАНА ЗА ДИРЕКТОРКА НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ СО 8 ГЛАСА „ЗА“ И НИЕДЕН „ПРОТИВ“, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА „ВОЗДРЖАНО“Директорскиот мандат во Академијата е 4 години. - Наташа Габер-Дамјановска (архивска фотографија)

    Досегашната директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, професорката и поранешна уставна судијка Наташа Габер-Дамјановска, денеска е реизбрана на функцијата.

    Од деветмина членови на Управниот одбор, осум гласаа за неа, само претставничката на Министерството за правда беше воздржана.

    Противкандидати и беа судијата за организиран криминал и корупција  Ненад Савески од Основниот кривичен суд Скопје, кој е и поранешен обвинител и актуелен предавач во Академијата, и судијата од Граѓанскиот суд Скопје Андреј Димовски.

    Габер-Дамјановска, Савески и Димовски исполнуваа услови за избор, додека отпадна судијката Емилија Шопар-Јованова, зашто ги немаше меѓународните признати сертификати за познавање на еден од најчесто користените јазици на Европската унија, кој беше битен услов во објавениот оглас.

    Пред гласањето, обвинителката Фиданка Рајевска, член на Советот на јавни обвинители, ги испофали Габер-Дамјановска и Савески, но кажа дека ќе се определи за Габер-Дамјановска, поради досегашните заложби како директорка на Академијата и големиот придонес за успешно работење на институцијата.

    Претседателот на Управниот одбор обвинителот Бодан Лазаревски, кажа дека тешко е да се избере меѓу вака квалитетни кандидати.

    За Димовски сите 9 гласа беа против. Савески имаше 5 гласа против.

    Директорскиот мандат во Академијата е 4 години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира